Тимот на Хас официјално потврди дека Естебан Окон повеќе нема да вози за американската екипа во Формула 1 до крајот на сезоната. Неговото место на Големата награда на Сао Паоло, од 6 до 8 ноември, ќе го заземе 21-годишниот Бразилец Рафаел Камара, објавува Формула 1.
Камара, кој е водечки во шампионатот на Формула 2, ќе дебитира во Формула 1 пред домашната публика на патеката Интерлагос. Тој веќе беше најавен како еден од двајцата возачи на Хас за сезоната 2027, а од 2021 година е член на академијата на Ферари.
Бразилецот првото искуство со тимот го имаше во август, кога на тестирање со постар болид го возеше моделот ВФ-25 на патеката во Портимао.
„Го известивме Естебан Окон дека нема да се врати во болидот на Хас оваа сезона. Ваквите одлуки никогаш не се носат лесно, како што беше и во Мексико Сити, но и тогаш и сега сметаме дека тоа е во најдобар интерес на тимот. Разговорите меѓу тимот и Естебан остануваат внатрешна работа и ќе продолжиме да ја почитуваме нивната приватност“, изјави шефот на тимот Ајао Комацу.
„Го избравме Рафаел Камара да вози заедно со Оли Беарман во Сао Паоло. По одличниот настап на тестирањето во август, ги знаеме можностите на Рафа и со нетрпение го очекуваме во тимот овој викенд“, додаде Комацу, пренесува официјалната страница на Хаас Ф1.
Окон не возеше ниту на трката во Мексико, кога неговото место го зазеде резервниот возач Рио Хиракава, кој заврши на десеттото место и освои еден бод. Хиракава овој викенд настапува на трка од Светското првенство во издржливост во Италија, па затоа не може да вози во Бразил.
Хас сè уште не соопшти кој ќе вози на последните три трки од сезоната во Лас Вегас, Катар и Абу Даби, објавува Скај Спортс.
















