Лабудовиќ и Ѓорческа се разделија по 13 и пол години

Лина Ѓорческа
Фото: si.robi / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Заврши една од најдолгите и најуспешните соработки во македонскиот тенис. Тренерот Димитар Лабудовиќ и македонската тенисерка Лина Ѓорческа ја прекинаа соработката по 13 и пол години.

Разделбата ја потврди Лабудовиќ со емотивна порака на социјалните мрежи, во која се осврна на долгиот заеднички пат, исполнет со успеси, предизвици, повреди и големи враќања на теренот.

62 титули и патот до Вимблдон

„Секое патување има своја крајна дестинација. По 13 и пол години, 62 титули на професионалната турнеја и патот од најниските турнири до главниот турнир на Вимблдон, сега можам гордо да кажам дека завршивме одлична работа. Испишавме историја за нашата земја“, напиша Лабудовиќ.

„Беше најголемо задоволство да можам да работам со тебе како тенисерка, но пред сè со личност како тебе. Ти благодарам за сè, Лина“, додаде тренерот.

Историја за македонскиот тенис

Ѓорческа под водство на Лабудовиќ го помина патот од најниските професионални турнири до главниот жреб на Вимблдон, што претставува еден од најголемите успеси во историјата на македонскиот женски тенис. Во пораката тренерот ги сумираше најважните моменти од соработката и истакна дека заедно испишале историја за македонскиот тенис.

Засега не е објавено со кој тренер Ѓорческа ќе ја продолжи кариерата. Таа кон крајот на октомври настапи на турнирот во Истанбул, каде што остана без пласман во четвртфиналето по меч во три сета.

Разделбата доаѓа на крајот од тениската сезона, кога играчите ги планираат подготовките и програмата за следната година.