Станковски пред Шкотска: Играчите најтешко ги доживуваат поразите

Стадионот Хемпден парк во Глазгов
Фото: Goodreg3 / Wikimedia Commons (CC0)

Фудбалската репрезентација на Македонија во понеделникот се собра во Скопје пред последните два натпревари во групата од Лигата на нациите. Селекторот Гоце Седлоски и неговите играчи во петок ѝ гостуваат на Шкотска, а на 16 ноември на домашен терен ја пречекуваат Словенија.

Натпреварот со Шкотска се игра на стадионот „Хемпден парк“ во Глазгов и почнува во 20:45 часот по македонско време.

Македонија по четири кола е без освоен бод и без постигнат гол, со два пораза од Швајцарија и по еден од Словенија и Шкотска. Шансите за понатамошен пласман се веќе изгубени, но репрезентативците велат дека сакаат да ја прекинат негативната серија.

„Нè очекуваат два тешки натпревари, но се надеваме дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат. Нашата цел на секој меч е победа и можам да ветам дека ќе дадеме 100 проценти од можностите за да ја израдуваме Македонија“, изјави Лука Станковски на собирот.

„Тешко е да се заборават поразите, но верувајте дека ние, играчите, најтешко ги доживуваме. Даваме сè од себе, не само на теренот туку и на психолошки план. За жал, веќе немаме шанси за пласман понатаму, па можеби ќе бидеме психолошки порелаксирани и ќе можеме да одиграме подобро“, додаде тој.

Слично размислува и Христијан Малески од Струга Трим Лум, кој смета дека без дополнителен притисок екипата може да заигра послободно.

„Се надевам дека сега ќе ни биде полесно, дека ќе влеземе послободно, без притисок. Најважно е секој што ќе добие шанса да го даде максимумот. Се надевам дека ќе бидеме многу подобри од претходно и конечно ќе го постигнеме тој гол. Веруваме дека можеме да погодиме и да победиме, не само против Словенија туку и против Шкотска“, рече Малески.

Седлоски за овој собир не го повика напаѓачот Бојан Миовски поради малата минутажа во клубот, а прв повик доби Марко Ѓорѓиевски. Шкотска пред дуелот остана без стоперот Стивен Велш, а на негово место е повикан Рајан Портеус.