Ракометната репрезентација на Шведска приреди вистинска голеада во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Швеѓаните гостуваа во Луксембург и славеа со 50-20, по полувреме од 26-10.
Со оваа победа Шведска постигна најмногу голови на еден натпревар во историјата на квалификациите за Европското првенство, а воедно го подобри и сопствениот рекорд за најубедлива победа, објави ЕХФ.
Шведска досега никогаш не постигнала 50 гола на натпревар во машка конкуренција, пренесува шведската телевизија Ес-Ве-Те.
Домаќините, предводени од селекторот Дидие Динар, на почетокот двапати беа во водство, а по осум минути заостануваа со само 8-6. Потоа Шведска до полувремето постигна уште 18 гола, а прими само четири. По паузата направи серија од 14-1 и поведе со 40-11.
Најефикасен за Шведска беше Лудвиг Халбек со осум гола од исто толку обиди, а заедно со Емил Мелегорд постигнаа вкупно 13 гола. Двајцата шведски голмани, Симон Мелер и Марко Роганович, завршија со процент на одбрани над 50 отсто, пишува Флешскор. За Луксембург најефикасен беше Самуел Итуа Етуте, исто така со осум гола.
Шведска со две победи е прва во групата 8, со два бода предност пред Грција и Македонија. Швеѓаните на стартот ја совладаа Грција со 33-24, а Луксембург, кој сè уште е без бод, го доживеа најтешкиот пораз во историјата на квалификациите.
Македонија во првото коло го совлада Луксембург со 41-23 во Скопје, но потоа загуби од Грција во Халкида со 29-24. Македонските ракометари со два бода ја делат втората позиција со Грците.
Квалификациите продолжуваат во март 2027 година, а Шведска пред тоа, во јануари, ќе настапи на Светското првенство.
















