Капинковски: Немаме причина предвреме да се предаваме

младински фудбал тренинг
младински фудбал тренинг

Македонската репрезентација до 19 години во сабота го игра вториот натпревар во втората рунда од квалификациите за Европското првенство, а противник ќе ѝ биде најголемиот фаворит во групата, Швајцарија. Натпреварот во Турново почнува во 13 часот.

Селекцијата на Димитар Капинковски го почна турнирот, чиј домаќин е Македонија, со реми 0-0 против Северна Ирска на стадионот „Кукуш“ во Турново. Македонскиот голман и капитен Александар Трајков имаше неколку важни одбрани, пренесува Фудбалската асоцијација на Северна Ирска.

„Репрезентацијата на Северна Ирска е навистина квалитетен состав, со многу добри поединци кои настапуваат во англиската Премиер лига. Одигравме борбен и неизвесен натпревар во кој имавме свои моменти и можевме да стигнеме до три бода. Секогаш е тешко да се одигра првиот натпревар на турнир, но фудбалерите дадоа максимум и задоволен сум од она што го прикажаа“, изјави Капинковски за македонските медиуми.

Швајцарија на стартот ја совлада Малта со убедливи 6-0 во Струмица. Во групата Б5, покрај Македонија и Швајцарија, се и Северна Ирска и Малта, а сите натпревари се играат во Турново и Струмица.

„Швајцарија е најдобро рангираната селекција во нашата група. Немаме причина предвреме да се предаваме. Овие фудбалери се подготвени да се надигруваат и да се докажуваат и сметам дека овој состав има квалитет да одигра рамноправен натпревар со фаворизираниот противник“, рече селекторот.

Во другиот натпревар од второто коло, во сабота во Струмица, Северна Ирска игра против Малта. Македонија го завршува турнирот на 17 ноември против Малта, повторно од 13 часот.

Според новиот формат на УЕФА, победниците на групите во Лигата Б се пласираат во Лигата А за третата рунда, која ќе се игра напролет. Седумте победници на групите во третата рунда ќе ѝ се придружат на домаќинот Чешка на завршниот турнир.