САД се повлекоа од Светското првенство до 17 години во Катар

Аспајр зона во Доха
Фото: WBJ Adventures / Wikimedia Commons (CC BY 3.0)

Фудбалската репрезентација на САД до 17 години нема да настапи на Светското првенство во Катар. Американската фудбалска федерација одлучи да го повлече тимот од безбедносни причини, само осум дена пред почетокот на турнирот, пренесува Гардијан.

Федерацијата во писмото до играчите се повика на препораката на американскиот Стејт департмент, кој ги советува граѓаните повторно да размислат дали да патуваат во Катар поради ризикот од вооружен конфликт. Од државните службеници се бара посебна дозвола за такво патување.

„За жал, со оглед на сегашните околности, повеќе не сме во можност да учествуваме на турнирот. Благосостојбата на нашите играчи и стручниот штаб секогаш ќе биде наш најголем приоритет“, се вели во писмото на федерацијата.

Портпарол на федерацијата изјави дека нема да навлегува во детали за тоа како е донесена одлуката, а ФИФА била известена за повлекувањето во средата.

Правилата на ФИФА предвидуваат дека квалификуваните репрезентации мора да настапат на турнирот. За повлекување помалку од 30 дена пред почетокот е предвидена казна од 20.000 швајцарски франци, пишува Гардијан.

На првенството ќе настапат 48 репрезентации, а тоа ќе трае од 19 ноември до 13 декември. Американците беа извлечени во групата Ј, заедно со Црна Гора, Чиле и Алжир, а минатата година, на првото од петте последователни првенства во Катар, стигнаа до шеснаесеттинафиналето, пишува Би-Би-Си. ФИФА засега не соопшти кој ќе го пополни испразнетото место во групата.

Состојбата на Блискиот Исток веќе влијае и на други големи спортски настани. Азискиот куп, кој требаше да се игра во јануари 2027 година во Саудиска Арабија, е одложен за речиси една година, а Катар се откажа од домаќинството на завршницата на рагби натпреварувањето во 2028 година.

Од друга страна, Формула 1 засега ја задржува завршницата на сезоната во регионот, со трките во Катар на 29 ноември и во Абу Даби на 6 декември, потсетува Асошиејтед прес.