Јонас Валанчјунас имаше 20 скока за нешто повеќе од 25 минути на теренот и го предводеше Жалгирис до победа над Олимпија Милано со 86-83 во 11тото коло од Евролигата, пренесува Еврохупс. Литванскиот центар додаде и 17 поени и беше најефикасен во својот тим.
Жалгирис доминираше под кошевите и беше подобар во скоковите со 46-28. Милано по првата четвртина водеше со 25-18, но гостите направија пресврт уште пред полувремето, а во третата четвртина дозволија само 11 поени и пред последниот период водеа со 63-52.
Домаќините во последната четвртина постигнаа 31 поен, но Жалгирис ја зачува предноста. Аужуолас Тубелис заврши со 15 поени и осум скока, Карсен Едвардс постигна 14, а Мариус Григонис 13 поени. Кај Милано најефикасен беше Марко Гудуриќ со 20 поени и шест тројки од девет обиди.
Валенсија на домашен терен го совлада Баерн Минхен со 102-87. Ти Џеј Шортс за нешто повеќе од 22 минути имаше 14 поени и 10 асистенции, исто толку поени постигна и Армони Брукс, а шестмина кошаркари на Валенсија имаа двоцифрен учинок. Кај Баерн, Андреас Обст постигна 22 поени со шест тројки.
Макаби во дербито на Тел Авив, одиграно во Лимасол, го победи Хапоел со 80-73 и ја прекина серијата од четири порази во Евролигата. Тоа е втора победа на Макаби над градскиот ривал за неколку дена, откако во финалето на Купот на победниците надомести заостанување од 23 поени.
Хапоел се приближи на само еден поен разлика 25 секунди пред крајот, но Јам Мадар во последните 21 секунда реализира четири слободни фрлања, а Даниел Тајс го постигна последниот кош. Џими Кларк и Бонзи Колсон имаа по 14 поени за Макаби, а кај Хапоел најдобар беше Василије Мициќ со 14 поени.
Во четвртокот Реал Мадрид ја совлада Црвена звезда со 105-84, а Олимпијакос го победи Дубаи со 101-72. На врвот на табелата е Панатинаикос со учинок од 8-2, пред Валенсија и Олимпијакос со по 8-3, додека Жалгирис има учинок од 7-4. Милано е претпоследен со само една победа во 11 натпревари.
Колото продолжува во петок, кога Анадолу Ефес игра со Виртус Болоња, Панатинаикос со Барселона, а Асвел со Бешикташ.
















