Голманот Овоно казнет со 12 натпревари по смртта на Де Мигел

Хесус Овоно
Фото: Happiraphael / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација го казни голманот на Андора, Хесус Овоно, со суспензија од 12 натпревари поради стартот по кој почина напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел. Тоа е максималната казна предвидена за ваков прекршок, пренесува Би-би-си.

25-годишниот репрезентативец на Екваторијална Гвинеја беше исклучен во завршницата на натпреварот од втората шпанска лига, одигран на 2 ноември на стадионот „Хелиодоро Родригез Лопез“. Де Мигел почина следниот ден во болница, на 30-годишна возраст.

Комисијата наведе дека одлуката мора да ја заснова на фактите наведени во судискиот извештај, според кој Овоно бил исклучен затоа што „насилно го удрил противникот во градите со ногата, со прекумерна сила, додека топката била во игра“. „Трагичниот исход на инцидентот, кој резултираше со смртта на Хесус де Мигел Аламеда, е јавно познат“, се вели во образложението.

Според комисијата, природата на постапката и околностите ја оправдуваат максималната казна. Прекршокот е квалификуван како тежок според членот 102 од дисциплинскиот правилник на федерацијата, пишува РТВЕ.

Федерацијата одлучи натпреварот, кој беше прекинат во седмата минута од судиското продолжение, да не се доигрува. Така, резултатот ќе остане 2-2, што според комисијата е „најпочитувачкиот пристап со оглед на вонредните и трагичните околности“.

Овоно на 4 ноември преку својот клуб соопшти дека ги минува „најтешките денови“ во животот и дека чувствува „огромна болка“ поради смртта на Де Мигел. Тренерот на Андора, Карлес Мансо, во четвртокот изјави дека голманот сè уште не одлучил дали ќе се врати на фудбалот.

„Тој е целосно слободен да донесе каква било одлука. Ние треба да го поддржиме на секој начин и да бидеме блиску до него. Ќе му дадеме простор за да се чувствува слободен да одлучи дали сака да се врати, кога, или дали воопшто не сака да се врати“, рече Мансо.

Комисијата ги казни и играчите на Андора, Ефе Акман и Лаутаро де Леон, со по еден натпревар суспензија поради собрани жолти картони на истиот натпревар.