Таџикистан на Ангеловски во финалето на Купот на кралот

Покраинскиот стадион во Сисакет
Фото: Taradon.t / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Фудбалската репрезентација на Таџикистан, предводена од македонскиот стручњак Игор Ангеловски, се пласираше во финалето на 52-то издание на Купот на кралот во Тајланд. Во полуфиналето, одиграно во сабота во Сисакет, таџикистанската селекција го совлада Оман со 1-0, пренесува Евроазија фудбал.

Првото полувреме заврши без голови, а единствениот погодок го постигна Шеридин Бобоев, кој во 60та минута беше прецизен од пенал.

Ангеловски од првата минута изведе речиси најсилен состав. Голманот Олег Баклов го одигра десеттиот натпревар за репрезентацијата и по шести пат ја сочува својата мрежа, а капитенската лента ја носеше Парвизџон Умарбаев, како што покажува составот објавен од Проспорт.

Натпреварот се играше на покраинскиот стадион во Сисакет. Оман ќе игра за третото место, а Таџикистан во финалето ќе се сретне со победникот од второто полуфинале меѓу домаќинот Тајланд и Брунеј.

Финалето е закажано за вторник, 17 ноември, со почеток во 13:30 часот по македонско време.

За Ангеловски ова е нов успех на клупата на азиската репрезентација. Поранешниот селектор на Македонија е најпознат по тоа што во ноември 2020 година, со победата над Грузија во Тбилиси, ја одведе македонската репрезентација на првото големо натпреварување, Европското првенство.

Таџикистан по втор пат игра во финалето на овој турнир. Во 2022 година, под водство на Петар Шегрт, ја освои титулата по победата над Малезија на пенали, откако регуларниот дел заврши со 0-0, а во 2024 година го освои четвртото место.