Младинската репрезентација на Македонија до 17 години ја оствари втората победа во првиот квалификациски круг за Европското првенство, откако во Трабзон го совлада Сан Марино со 1-0. Единствениот гол го постигна Стефан Ристиќ во 58та минута, покажува записникот на УЕФА.
За напаѓачот ова е четврти гол на турнирот, откако на стартот, пред три дена, ги постигна сите три гола во пресвртот од 0-2 до 3-2 против Унгарија.
Против Унгарија македонската селекција губеше со 0-2 по головите на Арон Хорват во 8та и Тимот Фаркаш во 48та минута, а Ристиќ ја затресе мрежата во 55та, 86та и 90та минута, покажува статистиката на УЕФА. Против Сан Марино доволен беше еден негов погодок на почетокот на второто полувреме.
Селекторот Иљами Исејни на голот го постави Димитар Петров, а во почетниот состав беа и Адријан Велески, Михајло Павлов, Матеј Бочески, Матеја Масев, Амар Аќики, Александар Полимац, Дардан Адеми, Ристиќ, Леарт Исеини и Матеј Николов.
Македонија по две кола има максимални шест бода. Турција на стартот го совлада Сан Марино со 4-0, а денеска игра против Унгарија.
Сан Марино, кој го предводи Алесандро Бонесо, ги загуби двата натпревари и сè уште нема постигнато гол на турнирот. Натпреварот во Трабзон го водеше судијата Ихар Шумилау.
Македонската селекција ќе го заврши настапот во групата на 17 ноември против домаќинот Турција, со почеток во 12 часот.
Првите две репрезентации од секоја група се пласираат во Лигата А во вториот квалификациски круг, кој ќе се игра напролет 2027 година, додека останатите продолжуваат во Лигата Б. Завршниот турнир ќе се одржи во Летонија.
















