Роналдињо во недела треба да го одигра својот прв официјален натпревар по повеќе од десет години. Легендарниот Бразилец, кој има 46 години, се очекува да биде во почетниот состав на Равена на дербито против Форли во третата италијанска лига, пренесува Би-би-си.
Поранешниот играч на Барселона и Милан последниот официјален натпревар го одигра за Флуминенсе во септември 2015 година. Во Равена пристигна во август, најпрвин како инвеститор, но изјави дека сака да постигне уште еден гол и да стигне до 300 гола во кариерата.
„Ќе игра од почетокот, нема сомнение. Потоа заедно ќе одлучиме колку ќе игра. Тој е еден од најголемите играчи на модерната ера, а ние мора да стигнеме до резултат. Секогаш играме со тројца напаѓачи, а тој ќе биде еден од нив“, изјави тренерот на Равена, Андреа Мандорлини.
Сопственикот на клубот, Игнацио Чипријани, уште претходно нагласи дека станува збор за романтична цел. „Неговото учество не е само симболичен гест или маркетинг трик за да се зборува за нас“, рече тој.
Освојувачот на Златната топка од 2005 година пристигна во Италија во петокот и пред натпреварот имаше само еден тренинг со новите соиграчи. На стадионот „Бруно Бенели“ е поставена привремена трибина за да ја прими очекуваната публика, а клубот уште во октомври го најави неговото враќање за 15 ноември, објави Равена.
Напаѓачот на Равена, Симоне Раби, откри дека Роналдињо ќе ги изведува пеналите доколку тимот добие казнен удар. Равена е на второто место на табелата по 13 кола.
Натпреварот меѓу Равена и Форли почнува во 17:30 часот според македонско време.
















