Македонските младинци со гол во 92ра минута ја совладаа Малта

Македонска фудбалска репрезентација во акција
Македонска фудбалска репрезентација во акција

Македонската репрезентација до 19 години го заврши квалификацискиот турнир во Турново со победа од 3-2 над Малта, а победничкиот гол го постигна Габриел Талески во втората минута од судиското продолжение, според записникот на УЕФА.

Македонија поведе во 32рата минута, кога 17-годишниот штопер Филип Цветковски го постигна првиот гол за македонската селекција на турнирот. Со предност од 1-0 заврши првото полувреме на стадионот „Кукуш“.

Малта израмни во 76тата минута преку Зијас Нуел, но пет минути подоцна Јаков Стојковски од пенал ја врати предноста на Македонија. Малтешкиот тим повторно стигна до израмнување во 89тата минута, кога Дензел Атард беше прецизен од белата точка.

Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши нерешено, 18-годишниот играч од средниот ред Габриел Талески ѝ донесе победа на Македонија. Малта со поразот го заврши турнирот без бод, откако претходно загуби од Швајцарија со 0-6 и од Северна Ирска со 1-3, пишува малтешкиот портал Ток.

Во другиот натпревар од последното коло, Швајцарија ја победи Северна Ирска со 2-0 и го заврши натпреварувањето во групата Б5 со максимални девет бода. Македонија и Северна Ирска завршија со по четири бода, а Малта остана без бод.

Македонија го почна турнирот со реми без голови против Северна Ирска, а потоа загуби од Швајцарија со 0-1. Тоа беше и единствениот гол што македонската селекција го прими пред последното коло.

Според форматот на квалификациите, само победниците на групите од Лигата Б се пласираат во Лигата А за третата рунда, која ќе се игра напролет, па Македонија ќе мора да почека нова шанса.