Алонсо со Астон Мартин повторно на Дакар релито во 2027 година

Фернандо Алонсо во болидот на Астон Мартин
Фото: Jen_ross83 / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, ќе вози на Дакар релито во јануари 2027 година, при првиот настап на Астон Мартин на најпознатата и најтешката рели-рејд трка во светот, пренесува Би-би-си.

45-годишниот Шпанец веќе еднаш учествуваше на Дакар, во 2020 година со Тојота, кога заврши на 13то место. Тогаш беше втор на една етапа, но неколку несреќи поради неискуство со трката го забавија.

https://x.com/dakar/status/2122622799349256628

Негов совозач повторно ќе биде сонародникот Марк Кома, петкратен победник на Дакар во категоријата мотоцикли. Другите два автомобили „Дреднот“, кои ги подготвува и води Продрајв, ќе ги возат деветкратниот светски шампион во рели Себастијен Лоеб и актуелниот светски шампион во рели-рејд Лукас Мораес, пишува Скај спорт.

„Откако одлучив да продолжам да возам во Формула 1 со Астон Мартин, внимателно размислував за Дакар. На крајот, одлуката стана едноставна. Сакав целосно да го прифатам предизвикот и во иста година да се натпреварувам и во Формула 1 и на Дакар релито“, изјави Алонсо.

„Имам огромна почит кон оваа трка и кон специјалистите што ја совладале. Многу е важно што Марк повторно е до мене. Формула 1 останува мој приоритет, но јас сум тркач, а ваквите предизвици се причината зошто сакам да се натпреварувам“, додаде тој.

Дакар 2027 ќе стартува на 9 јануари со пролог во Луле, во португалскиот регион Алгарве, а по 12 етапи ќе заврши на 23 јануари во Маракеш, Мароко. Релито е преместено од Саудиска Арабија поради конфликтот на Блискиот Исток. Вкупната должина изнесува 7.824 километри, од кои 4.341 километар се брзински етапи.

Алонсо неодамна го продолжи договорот со Астон Мартин и во 2027 година ќе ја вози рекордната 24та сезона во Формула 1. Британскиот тим оваа година се мачи со новите правила, па Алонсо е 17ти во пласманот на возачите, а тимот е десетти кај конструкторите, пред единствено Кадилак.