Ташима ја поднесе кандидатурата со поддршка од пет федерации

Кодзо Ташима
Фото: Кабинет на премиерот на Јапонија / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Почесниот претседател на Фудбалската федерација на Јапонија, Кодзо Ташима, соопшти дека официјално ја поднел кандидатурата за претседател на ФИФА, откако обезбедил поддршка од пет национални федерации, пренесува Спортстар, повикувајќи се на Ројтерс.

Јапонската федерација во соопштението наведе дека на 17 ноември испратила писмо до ФИФА со кое го номинирала Ташима за кандидат. Рокот за пријавување истекува денеска во 23:59 часот по македонско време, четири месеци пред Конгресот на ФИФА во Рабат на 18 март, на кој ќе се гласа.

„Со силно чувство за мисија и решителност ќе го прифатам овој предизвик, за ФИФА да стане поздрава организација со поголема доверба и да придонесе за понатамошен развој на фудбалот низ светот“, изјави Ташима.

Тој не откри кои федерации го поддржале, но најави дека тоа ќе го соопшти подоцна. На прашањето за целите, 68-годишниот функционер рече дека најважно е да се воспостави правилно управување и да се обезбеди транспарентност, а дури потоа да се предлагаат други политики.

Ташима е поранешен јапонски репрезентативец и прв кандидат од Јапонија за претседател на ФИФА. Член е на Советот на ФИФА од 2015 година.

Актуелниот претседател Џани Инфантино се бори за четврти мандат. Меѓу неговите предизвикувачи се и поранешниот капитен на Швајцарија Рамон Вега и претседателот на Француската фудбалска федерација Филип Диало, кој ја има поддршката од УЕФА, пишува Индипендент.

Диало претходно изјави дека ќе стапи во контакт со Ташима за да ги „обединат силите“. Јапонецот рече дека досега не разговарал директно со него, но дека сака да се сретнат барем еднаш.

Ташима призна дека не е во „нужно поволна позиција“ пред изборите. Сите кандидати мора да поминат проверки на подобноста и интегритетот, а ФИФА мора да ги извести федерациите за кандидатите најмалку еден месец пред Конгресот.