Поранешниот шпански репрезентативец Хуан Мата објави дека се повлекува од професионалниот фудбал на 38-годишна возраст, пренесува Би-би-си. Светскиот и европски првак со Шпанија беше без клуб од септември.
Мата ја соопшти одлуката со видео на своите профили на социјалните мрежи, во кое буквално ги закачува копачките, наведува Ер-те-ве-е. Видеото го придружи со пораката: „Понекогаш да сакаш значи да пуштиш. Благодарам, фудбалу.“
Офанзивниот играч одигра 41 натпревар за Шпанија. Беше дел од тимот што го освои Светското првенство во 2010 година, а две години подоцна го освои и Европското првенство, кога постигна гол во финалето против Италија, добиено со 4-0.
Мата е производ на младинската школа на Реал Мадрид, а големиот пробив го направи во Валенсија, со која во 2008 година го освои Купот на кралот. Во август 2011 година премина во Челси, со кој ги освои Лигата на шампионите, Лига Европа и ФА купот.
Во јануари 2014 година се пресели во Манчестер јунајтед, каде што остана до 2022 година. За „црвените ѓаволи“ одигра 285 натпревари и ги освои ФА купот, Лига Европа и Лига купот, пишува Еспн.
По Англија, Мата играше за Галатасарај и јапонскиот Висел Кобе, а последните две сезони ги помина во Австралија, во Вестерн Сиднеј Вондерерс и Мелбурн Викторија. Во последната сезона во Мелбурн забележа пет гола и 13 асистенции и го доби медалот „Џони Ворен“, наведува Мелбурн Викторија.
Австралискиот клуб соопшти дека Мата ќе остане поврзан со него и по завршувањето на кариерата, бидејќи презема сопственички удел и ја презема функцијата претседател на фудбалскиот комитет на клубот.
Шпанецот е познат и по хуманитарната работа. Во 2017 година беше еден од основачите на иницијативата „Заедничка цел“, преку која фудбалерите донираат најмалку еден процент од платата за општествени проекти.
„Фудбалот никогаш нема да замине од мојот живот. Можеби престанувам професионално да играм, но никогаш нема да престанам да бидам фудбалер“, изјави Мата, пренесува Би-би-си.
















