Руни: Во најтешкиот период во Јунајтед размислував за самоубиство

Вејн Руни на фудбалски натпревар
Фото: All-Pro Reels / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Поранешниот капитен на Англија, Вејн Руни, откри дека додека играл за Манчестер Јунајтед, поминал низ период во кој размислувал за самоубиство и дека разговарал со терапевт, пренесува Би-би-си.

41-годишниот Руни за тоа зборуваше во подкастот „Животот на половина пат“ на Габи Логан, опишувајќи го периодот кога неговиот најстар син Каи, кој сега има 17 години, бил бебе.

„Кога пиев, знаев да се заклучам во куќата два дена и само да пијам. Тоа беше веројатно во најдобриот дел од мојата кариера, гледано од фудбалски аспект“, рече Руни.

„Дојдов до точка кога размислуваш за самоубиство. Едноставно не сакав да бидам со никого. Не сакав да гледам луѓе на улица, не сакав да одам во продавници. На теренот секогаш се чувствував удобно, но со сè друго многу се мачев“, изјави тој, пренесува Скај спорт.

„Не сакаш да покажеш слабост, па се обидуваш да ја прикриеш. Требаше да биде најсреќниот период во мојот живот, а не беше. Колин многу ми помогна. Можеше да си замине, толку беше лошо, но остана покрај мене и ми помогна да го надминам тоа“, додаде Руни.

Руни во Манчестер Јунајтед пристигна од Евертон во 2004 година и стана најдобар стрелец во историјата на клубот, со 253 гола на 559 натпревари. Со Јунајтед освои пет титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, Лигата Европа, ФА купот и три Лига купа, а во 2017 година се врати во Евертон.

За репрезентацијата на Англија постигна 53 гола на 120 натпревари. Неодамна беше прогласен за најдобар телевизиски аналитичар на годината, а во моментов учествува во британското реално шоу „Јас сум славна личност, извадете ме оттука“.