Украинскиот фудбалер Михаил Мудрик тврди дека за неговиот позитивен допинг-тест е виновна околината во украинската репрезентација. Крилниот напаѓач на Тотенхем го изјави тоа во опширно интервју за украинскиот јутјуб-канал „Во гости кај Гордон“, пренесе Би-би-си.
Дваесет и петгодишниот фудбалер, кој игра за Тотенхем како позајмен играч од Челси, беше суспендиран од ноември 2024 до јули 2026 година, откако во неговиот организам беше откриена забранетата супстанција мелдониум.
„Околината, ситуацијата во украинската репрезентација. Тоа никогаш не требаше да се случи. Веројатно досега не сум го кажал тоа јавно, но сега го кажувам“, одговори Мудрик на прашањето кого го обвинува за отсуството од фудбалските терени.
„Никогаш не сум слушнал за лек како мелдониум. Тоа е лек што може да се набави само во Источна Европа. Можел да влезе во моето тело само во Украина. Во Англија нема таков лек“, рече тој, додавајќи дека во Украина престојувал само кога бил со репрезентацијата.
Мудрик додаде дека добил малку поддршка од претседателот на Украинскиот фудбалски сојуз, Андриј Шевченко. Тој го обвини Сојузот и за протекувањето информации за време на постапката, како и за тоа што начинот на кој го водел случајот го одложил неговото враќање на теренот.
Првично му се закануваше четиригодишна суспензија од Англискиот фудбалски сојуз, но неговата жалба пред Спортскиот арбитражен суд беше успешна. Тој се врати на теренот откако призна дека ги прекршил антидопинг-правилата и прифати суспензија во траење колку времето што веќе го поминал надвор од терените.
„Беше како да паднам од облакодер. Во сонот ќе удриш во земјата, а во животот само продолжуваш да паѓаш“, опиша Мудрик, кој рече дека потрошил милиони фунти на адвокати, тренери и физиотерапија. Би-би-си побарал реакција од Украинскиот фудбалски сојуз.
















