Маурисио Почетино во средата пристигна во Манчестер и ја започна работата како нов тренер на Манчестер Јунајтед. Аргентинецот отпатува за Манчестер веднаш по последниот натпревар на клупата на САД, победата од 2-0 над Хаити во Синсинати.
Педесет и четиригодишниот стратег во тренинг-центарот „Карингтон“ се сретна со дел од фудбалерите и со раководството, а се фотографираше и со спортскиот директор Омар Берада, пишува Ивнинг стандард.
Неговите најблиски соработници пристигнаа неколку дена порано. Помошникот Хесус Перез, тренерот на голманите Тони Хименез и кондицискиот тренер Себастијано Почетино, синот на новиот менаџер, веќе ги водеа тренинзите на фудбалерите кои немаат репрезентативни обврски. Репрезентативците се враќаат во клубот во четврток, кога се очекува и нивната прва средба со Почетино, пренесува Гардијан.
„Ова е голем предизвик, но во исто време тоа е адреналинот што сакаш да го почувствуваш. Мислам дека ќе имаме поинаква работа, но важно е што имаме искуство за да се справиме со тоа“, изјави Почетино.
„Знаеме дека ситуацијата не е ситуација што ја заслужува клуб како Манчестер Јунајтед. Навивачите се неверојатни. Откако потпишав, тука во Америка, од десет луѓе што ќе ги сретнам на улица, девет се навивачи на Манчестер Јунајтед“, додаде тој.
Во првата порака до навивачите, објавена на клупските социјални мрежи, Почетино порача дека едвај чека да ги запознае и дека се надева на заедничка работа што ќе донесе посебна сезона, во која играчите ќе се борат на теренот за резултатите што ги заслужуваат.
Новиот менаџер на Јунајтед веднаш ќе има тежок испит. Тимот, кој се наоѓа на 18тото место на табелата во Премиер лигата, во недела му гостува на Ливерпул на „Енфилд“.
Почетино во Англија веќе ги водеше Саутемптон, Тотенхем и Челзи, а беше и тренер на Пари Сен Жермен. Во Јунајтед пристигна на местото на Мајкл Карик, кој беше разрешен минатата недела.
















