Мојсов со Земун го елиминираше Раднички 1923 од Купот на Србија

Стадионот на Земун
Фото: AirWolf / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Земун, предводен од македонскиот тренер Ѓорѓи Мојсов, приреди едно од изненадувањата во шеснаесетинафиналето на Купот на Србија. Тимот од Белград во средата го совлада фаворизираниот Раднички 1923 од Крагујевац со 1-0, објави Б92.

Натпреварот се одигра на стадионот „Драган Џајиќ“ во Уб. Единствениот гол го постигна Василије Бакиќ во 33тата минута, пренесуваат Новости.

По додавање по земја од Белаковиќ, Бакиќ упати силен удар од левата страна, а топката му помина меѓу нозете на голманот Шахиновиќ и заврши во мрежата, пишува Спортал.

Еден од хероите на Земун беше и голманот Мишо Дубљаниќ, кој одбрани повеќе удари на гостите. Во второто полувреме Раднички беше блиску до израмнување, но не успеа да го совлада голманот на Земун.

Тимот на Феѓа Дудиќ така го заврши натпреварувањето уште во шеснаесетинафиналето, исто како и минатата сезона.

Земун ја потврди добрата форма под водство на Мојсов. Македонскиот стручњак неодамна ја презеде тренерската функција во земунскиот клуб, а од неговото доаѓање тимот освои четири бода во три првенствени кола и сега обезбеди пласман меѓу најдобрите 16 во купот.

Купот на Србија оваа сезона носи повеќе изненадувања. Според Спортал, во оваа фаза од натпреварувањето испаднаа суперлигашите Младост од Лучани, ИМТ и Војводина, додека Железничар Панчево загуби од Текстилац во Оџаци по изведувањето пенали.

Во осминафиналето, покрај Земун, се пласираа и Црвена ѕвезда, Партизан, ТСЦ, Чукарички, Нови Пазар, Раднички Ниш, ОФК Белград, Јавор, Телеоптик, ФАП, Мачва, Графичар, Словен, Радник и Текстилац.