Хари Кејн со скинат лигамент во глуждот, ќе паузира со месеци

Хари Кејн во дресот на Баерн Минхен
Фото: Werner100359 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Хари Кејн ќе биде надвор од терените во следните неколку месеци, откако во петокот навечер го скина синдесмозниот лигамент на левиот глужд на натпреварот од Бундеслигата меѓу Баерн Минхен и Келн, кој заврши 1-1. Повредата ја потврди германскиот клуб, а капитенот на Англија и актуелен добитник на „Златната топка“ беше заменет уште во 20тата минута.

„Хари Кејн доживеа кинење на синдесмозниот лигамент на левиот глужд на домашниот натпревар од Бундеслигата против Келн во петокот навечер. Тоа го потврди прегледот во медицинскиот оддел на Баерн. Затоа, 33-годишниот напаѓач ќе отсуствува во следните неколку месеци“, се наведува во официјалното соопштение на клубот.

Кејн се повреди во судир со одбранбениот играч на Келн, Јоел Шмид. Според Скај спортс, англискиот напаѓач тргна кон отклонет низок центаршут на Мајкл Олисе на задната статива, а Шмид прв стигна до топката, но потоа со ногата силно го удри Кејн по левата нога. Кејн се обиде да продолжи со играта, но набргу седна на тревата и по интервенцијата на медицинскиот тим го напушти теренот, а на негово место влезе Том Бишоф.

Спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, по натпреварот изјави дека Кејн ќе паузира околу три месеци, а според Гардијан, клупските лекари сè уште разговараат дали ќе препорачаат операција. Тренерот Венсан Компани, кој се врати на клупата по повеќенеделно отсуство поради болест, рече дека станува збор за „месеци, а не недели“.

„Мислам дека резултатот е фер и Келн го заслужи бодот. Сега имаме други грижи, морам искрено да кажам. Сите заедно ќе се обидеме од оваа ситуација да извлечеме нешто силно. Баерн тоа го прави постојано и тоа сакаме да го направиме и сега“, изјави Компани.

Келн поведе со голот на Мајки Мур, кој е на позајмица од Тотенхем, а Баерн изедначи пред полувремето преку Натаниел Браун. Баерн на полувремето остана и без Олисе, кој заработи контузија на стапалото, а според Бундеслига, францускиот играч ќе биде подложен на дополнителни прегледи. Минхенци и претходно беа без Алфонсо Дејвис, Луис Дијаз, Серж Гнабри, Мануел Нојер и Исмаел Саибари.

Ако паузата трае три месеци, Кејн ќе пропушти 11 натпревари во Бундеслигата, дуелот со Херта Берлин во осминафиналето на Купот на Германија, како и сите четири преостанати натпревари на Баерн во лигашката фаза од Лигата на шампионите, наведува Скај спортс. Баерн веќе во среда, на 25 ноември, му гостува на Лил.

Повредата предизвикува загриженост и во репрезентацијата на Англија, која во четвртфиналето од Лигата на нациите ќе игра против Норвешка, на 27 март во Осло и на 30 март на Вембли. Кејн овој месец стана рекордер на Англија по бројот на настапи, а неодамна го продолжи договорот со Баерн до 2029 година.

Според Би-би-си, Кејн и претходно имал проблеми со глуждовите. Во март 2024 година го повреди левиот глужд настапувајќи за Баерн и ги пропушти пријателските натпревари на Англија против Бразил и Белгија, а и додека играше за Тотенхем во повеќе наврати паузираше поради повреди на лигаментите.