Планот на Инфантино за правата на ФИФА требало да трае 96 години

Џани Инфантино
Фото: Амбасада на САД во Куала Лумпур / Викимедија комонс (јавна сопственост)

Пропаднатиот план на Џани Инфантино, познат како „ФИФА форвард ентерпрајз“, предвидувал комерцијалните права на ФИФА, вклучително и оние за Светското првенство, да бидат префрлени на профитна компанија за период до 96 години. Ова го открива Гардијан, повикувајќи се на внатрешни документи.

Во внатрешната проценка на ризикот на ФИФА од 17 јули, два дена пред финалето на Светското првенство, стои дека договорот предвидува основање профитна ќерка-фирма на која ќе ѝ бидат префрлени сите комерцијални права за натпреварувањата на ФИФА „за следните 96 години“.

Во друг документ, составен следниот ден, се наведува дека договорот бил замислен како низа лиценци од по 12 години, за вкупен период до 96 години, а ФИФА „трајно“ ќе имала 51 отсто од сопственоста. Почетната вредност на проектот била проценета на 20 милијарди долари.

Главен инвеститор бил Трајв капитал, компанијата на Џошуа Кушнер, брат на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, потсетува Индипендент. Документите откриваат и план за наградување на раководството на новата компанија со до пет отсто од акциите. Тоа теоретски можело да значи до 50 милиони долари за секоја милијарда над почетната вредност.

Доколку ФИФА го прекршела договорот или склучела договор со друг партнер, Трајв ќе имал право на отштета од 250 милиони долари. Документите потврдуваат и дека немало тендер, а финансискиот оддел на ФИФА „не бил директно запознаен“ со условите на договорот.

Од ФИФА одговорија дека предлогот секогаш требало да биде одобрен од земјите-членки и од Советот на ФИФА. „Секој потенцијален план за награди беше исклучиво за членовите на раководството на компанијата, во кое функционерите на ФИФА не можеле да бидат“, се вели во соопштението. Според ФИФА, платата на претседателот ја одредува независна комисија.

Проектот првпат го откри Тајмс на 28 јули, а Инфантино се откажа од него на 1 август, по противењето на три континентални конфедерации. УЕФА во август соопшти дека ја изгубила довербата во Инфантино и го поддржа претседателот на Француската фудбалска федерација, Филип Диало, како негов противкандидат.

Инфантино и понатаму е фаворит за четврти мандат на Конгресот на ФИФА во Рабат во март. ФИФА ги покани членовите на Советот да ги разгледаат документите во седиштето во Цирих, додека УЕФА преку американските судови бара пристап до документи. ФИФА го нарече тоа „кампања за клеветење“, пишува Телеграф.