Евролигата ги проширува своите планови и надвор од редовната сезона. Покрај проширувањето на натпреварувањето на 24 тима и вклучувањето на нови франшизи, во подготовка е и европска летна лига, по угледот на познатата летна лига на Ен-Би-Еј, објави Еврохупс.
Според порталот, првото издание би можело да се одржи во 2027 година. Градот домаќин сè уште не е избран, а целосниот план треба да биде претставен на седницата на Управниот одбор на Евролигата, закажана за 30 ноември.
Турнирот би се одржал по завршувањето на домашните првенства, а пред летната лига на Ен-Би-Еј во Лас Вегас. Првото издание би траело околу десет дена, од кои една недела би била посветена на натпреварите, а првично се планира учество на шест екипи.
Идејата е да се соберат играчи и тренери од клубовите што настапуваат во Евролигата и Еврокупот, но и претставници на американските универзитети и на кошаркарските програми од Африка и Азија, пишува шпанскиот Спорт, кој ги потврди информациите на Еврохупс.
Летната лига треба да стане место за средба на талентирани кошаркари, тренери и кошаркарски професионалци од целиот свет. Клубовите би можеле одблиску да следат нови играчи, а кошаркарите би добиле можност да се докажат пред спортските директори.
Шпанската новинска агенција ЕФЕ, повикувајќи се на извори запознаени со предлогот, наведува дека седницата на Управниот одбор ќе се одржи по електронски пат, пренесува Мундо депортиво.
Евролигата и претходно имала слично искуство. Во соработка со компанијата Верде спорт, таа организирала летна лига во италијанскиот град Језоло, но турнирот траел само една сезона.
Новиот проект доаѓа во време на големи промени во европската кошарка, кога Евролигата се подготвува и за можниот проект на Ен-Би-Еј во Европа.
















