Арсенал и Борусија Дортмунд одиграа 1-1 на „Емирејтс“ во дуелот меѓу лидерите на Премиер лигата и Бундеслигата, во петтото коло од Лигата на шампионите. Лондончани првпат во лигашката фаза загубија бодови на домашен терен, објави Арсенал.
Домаќините поведоа во 10тата минута со прекрасен гол на Виктор Ѓокереш. Ноне Мадуеке му ја додаде топката на Швеѓанецот на околу 25 метри од голот, а тој со силен удар ја префрли преку голманот Грегор Кобел. Тоа беше 400ти гол на Арсенал во историјата на Лигата на шампионите, наведува клубот.
Германците израмнија во 55тата минута. Младиот француски стопер Жоан Гаду продре низ средината на теренот, а Максимилијан Бајер со прецизен удар го совлада Кепа Аризабалага, кој бранеше за Арсенал наместо повредениот Давид Раја, пишува Скај спортс.
Арсенал упати вкупно 30 удари, што е најголем број удари на еден натпревар во неговата историја во Лигата на шампионите, но само четири беа во рамките на голот. Јурин Тимбер и Деклан Рајс ја погодија стативата, а Ѓокереш со удар со глава од неколку метри не го погоди голот. Голот на Џоуб Белингам за Дортмунд беше поништен поради офсајд.
„Мислам дека изведбата беше брилијантна. Многу малку повеќе може да се побара од екипата. Неверојатно е што топката понекогаш не заврши во мрежата“, изјави тренерот Микел Артета, пренесува Скај спортс.
Тренерот на Дортмунд, Нико Ковач, беше незадоволен што видеосудиите не ја провериле ситуацијата во која топката го погоди Ѓокереш во раката во казнениот простор. „Не плачам поради тоа. Освоивме бод, а тоа е голем бод на гостување кај Арсенал“, рече Ковач, пренесува Тагесшпигел.
Арсенал нема пораз на 20 натпревари по ред во Лигата на шампионите и е само третиот тим во историјата со таква серија, наведува Би-Би-Си спорт. Сепак, по ремито се спушти на петтото место на табелата, а Дортмунд по пет кола има десет бода.
Тимот на Артета веќе в недела го пречекува Манчестер Сити во Премиер лигата.
















