Камара ќе вози за Хас во Катар и во Абу Даби

Рафаел Камара во болидот во Формула 2
Фото: Lukas Raich / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Рафаел Камара ќе ја заврши сезоната во Формула 1 во болидот на Хас. Американскиот тим потврди дека 21-годишниот Бразилец ќе вози и на последните две трки, во Катар и во Абу Даби, пред својата прва целосна сезона во 2027 година, објави Формула 1.

Камара дебитираше на домашната трка во Сао Пауло, а вториот настап го имаше во Лас Вегас, каде што заврши на 16тото место. На таа трка тој имаше судир со Серхио Перез, по што Мексиканецот беше казнет со поместување за пет места наназад на стартот на следната трка во Катар.

„Возбудени сме што можеме да ја завршиме сезоната со Рафа во болидот и да надградиме врз неговите први два старта со тимот, во Бразил и во Америка. Мило ми е што секоја сесија на патеката ја прифати како можност за учење и што уште повеќе се вклопи во тимот“, изјави шефот на Хас, Ајао Комацу.

„Сега ќе ја завршиме сезоната заедно, што е корисно за сите нас пред релативно кусата пауза, додека почнуваат нашите подготовки за 2027 година“, додаде Комацу.

Одлуката значи дека Камара ќе ги пропушти последните две рунди во Формула 2, потврди Формула 2. Бразилецот е лидер во шампионатот со седум бода предност пред Бугаринот Никола Цолов, но сега најверојатно ќе остане без титулата, пишува Би-Би-Си.

Камара седна во болидот на Хас откако тимот се раздели со Естебан Окон. На трката во Мексико местото во болидот го доби резервниот возач Рјо Хиракава, а потоа можност да вози доби Камара, кој уште во октомври беше најавен како еден од возачите на Хас за 2027 година.

Во Катар и во Абу Даби тимски колега на Бразилецот ќе биде Оливер Бирман. Трката за Големата награда на Катар ќе се вози овој викенд на патеката Лусаил.