Поништен црвениот картон на Јоро, Почетино бесен на ВАР

Лени Јоро
Фото: Supporterhéninois / Викимедија комонс (CC0)

Фудбалската асоцијација на Англија го поништи црвениот картон што го доби одбранбениот играч на Манчестер Јунајтед, Лени Јоро, на натпреварот против Ливерпул, па тој ќе може да игра против Брентфорд во сабота на „Олд Трафорд“, пренесува Би-Би-Си.

Јоро беше исклучен уште во осмата минута од дербито на „Енфилд“, кое Ливерпул го доби со 4-0, откако го сопна Александер Исак, кој истрча сам кон голот. Судијата Сем Барот оцени дека францускиот дефанзивец спречил очигледна можност за постигнување гол, а видеосудијата Џон Брукс ја потврди одлуката.

Клучното прашање беше дали Исак би стигнал до топката, бидејќи ја турна предалеку пред себе и таа се движеше кон голманот на Јунајтед, Сене Ламенс. Јунајтед поднесе жалба до асоцијацијата поради неправедното исклучување, а таа беше прифатена, наведува Скај спорт.

Шефот на судиите, Хауард Веб, претходно ја бранеше одлуката. „Мислам дека повеќето луѓе би рекле дека тоа е точна одлука, со оглед дека Исак брзо се движеше кон топката. Алтернативниот поглед е дека Ламенс можеби ќе стигнеше прв, но тоа е малку дискутабилно. Секако не е јасно погрешно“, изјави Веб.

Тренерот на Јунајтед, Маурисио Почетино, кој на тој натпревар дебитираше на клупата, е незадоволен од работата на видеосудиите. „Многу сум разочаран. Ова никогаш не смее да се случи. Можеме да прифатиме дека судијата ќе згреши. Но ако имаме ВАР, што правеа тие? Дали ќе се повтори натпреварот? Не“, рече Почетино, пренесува Би-Би-Си спорт.

„Мораме да ги браниме моите играчи и мојот клуб, а тоа значи да кажеме дека одлуката не беше добра. А сега, каде се трите бода?“, додаде Аргентинецот, кој смета дека и првиот гол на Ливерпул требало да биде поништен.

Според Би-Би-Си, ова е вторпат сезонава Јунајтед да биде оштетен поради голема грешка на видеосудиите, откако Веб во септември се извини поради признаениот гол на Ерлинг Халанд во градското дерби на „Олд Трафорд“. Овојпат нема извинување од шефот на судиите.