Напаѓачот на Барселона, Ентони Гордон, е прогласен за играч на неделата во Лигата на шампионите откако постигна два гола во победата од 4-1 над Сабах во Баку, објави УЕФА на своите официјални профили.
Англичанецот во гласањето ги надмина Кучо Ернандес, Антонио Нуса и Килијан Мбапе. Гордон во средата беше прогласен и за играч на натпреварот во Азербејџан.
Тој го отвори резултатот во 31вата минута, кога голманот на Сабах ја одби топката по центаршутот на Карим Адејеми, а во 51вата минута на сличен начин го постигна и вториот гол, откако топката беше одбиена по ударот на Габриел Жезус.
Со тие два гола Гордон стигна до шест гола на гостувања во иста земја во текот на една календарска година, што досега никому не му успеало во Лигата на шампионите. Претходниот рекорд од пет гола го делеа Кристијано Роналдо, кој го постави во Турција во 2013 година, и Карим Бензема, кој го израмни во Англија во 2022 година, пишува Гол.
Четири од тие голови Гордон ги постигна во февруари во дресот на Њукасл, во победата од 6-1 над Карабаг во Баку, а сега постигна уште два за Барселона.
Според податоците на статистичката агенција Опта, кои ги пренесува ТНТ спортс, тоа е и рекорд за англиски фудбалер според бројот на постигнати голови на гостувања во иста земја во Лигата на шампионите. Претходниот рекорд го држеше Хари Кејн со пет гола постигнати на гостувања во Кипар.
Гордон во последните две изданија на Лигата на шампионите има 13 гола и две асистенции, а повеќе голови во тој период постигнале само Мбапе (21) и Кејн (18). Барселона, која во Баку настапи без Ламин Јамал, ја оствари четвртата победа во петте натпревари од лигашката фаза, а другите резултати од колото ги објавивме тука.
















