Бечвиновски со гол, Австралија во елиминациите на СП до 17 години

Бечвиновски стрелец за Австралија до 17 години
Илустрација: СуперСпорт

Лук Бечвиновски, кого Македонија сака да го придобие за својата репрезентација, беше стрелец за репрезентацијата на Австралија до 17 години во ремито (2-2) против Мозамбик на Светското првенство во Катар. Со тој резултат Австралијанците го освоија првото место во групата Ц и се пласираа во шеснаесеттинафиналето, пишува Фудбалската федерација на Австралија.

Мозамбик, кој за првпат настапува на ова првенство и мораше да победи за да продолжи понатаму, поведе во 18тата минута, кога Нхампуле Жуниор погоди со глава. Десет минути подоцна Кензане ја искористи одбиената топка по ударот на Нхампуле Жуниор и погоди за 2-0.

Австралија ја намали предноста на противникот пред одморот. Во 44тата минута Бечвиновски стигна до прецизно додадената топка во казнениот простор пред голманот на Мозамбик и ја испрати во мрежата.

На почетокот на второто полувреме Бечвиновски беше блиску и до вториот гол, но по додавањето на Акол Акон, неговиот удар заврши покрај стативата. Тренерот Карл Веарт го замени во 66тата минута, кога на теренот влезе Џорџо Хасарати.

Токму Хасарати во 76тата минута го постави конечниот резултат по одличното повратно додавање на Бесијан Кутлеши, кој стигна до топката пред таа да ја премине гол-линијата.

Австралија ја заврши групната фаза без пораз, наведува и австралиската агенција ААП. Противникот во шеснаесеттинафиналето ќе биде познат по завршувањето на групната фаза, а натпреварот е закажан за почетокот на следната недела.

Според „СпортСпорт“, Македонија е во постојан контакт со Бечвиновски со цел тој да ги смени националните бои и во иднина да настапува за македонската репрезентација.