Алекс Маркез нема да настапи на денешната трка за Големата награда на Валенсија, последна во сезоната на МотоГП, откако утрово беше пренесен во болница поради тежок бронхоспазам. Неговиот тим Гресини ја потврди веста со објавување на изјавата на главниот лекар на МотоГП, Анхел Чарте, пренесува МотоГП.
„Алекс Маркез ќе ја пропушти последната трка од сезоната. Тежок бронхоспазам го принуди возачот да ја напушти патеката и да биде пренесен во болницата 9 де Октубре“, гласи изјавата на Чарте што ја објави Гресини.
Според шпанската Марка, Маркез имал многу тешка ноќ, а со возило на итната медицинска помош бил пренесен од подвижниот дом во кој престојува на патеката „Рикардо Тормо“ во Честе. Возачот на Гресини целиот викенд имал висока температура од речиси 40 степени, а во болницата ќе му бидат направени дополнителни испитувања за да се утврди дали има пневмонија.
Во изјава за шпанскиот АС, која ја пренесува италијанскиот Ил Месаџеро, Чарте рекол дека Маркез утрото му се јавил од подвижниот дом и му кажал дека не може да дише. „Дојдовме, го прегледавме и утврдивме тежок бронхоспазам и многу ниска сатурација на кислород. Му дадовме кортикостероиди и терапија со кислород и го префрливме во болницата за дополнителни испитувања“, рекол Чарте.
Маркез го освои шестото место на саботната спринтерска трка, а на денешната трка требаше да стартува од четвртото место. Тоа требаше да биде и неговата последна трка за Гресини пред преминот во фабричкиот тим Ред Бул КТМ, со кој треба да почне да работи на тестирањата во вторник.
Неизвесно е дали ќе учествува на тестирањата. „Не сега. Ништо денеска, ќе видиме во вторник. Ако има пневмонија, тогаш не“, рекол главниот лекар на МотоГП.
Отсуството е особено тешко за Алекс бидејќи нема да настапи на последната трка во кариерата на својот постар брат Марк Маркез, кој во петокот ја објави одлуката да ја заврши кариерата. Марк оваа сезона ја освои осмата титула во најсилната класа.
Алекс Маркез, двократен светски шампион во пониските класи, во април победи на трката за Големата награда на Шпанија, а сезоната ќе ја заврши на осмото место во генералниот пласман, наведува Ројтерс. Трката во Валенсија почнува денеска во 14 часот по македонско време.
















