Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од Уефа и „Хет трик 4“ програмата за развој, денеска во општина Прилеп официјално ги започна активностите за изградба и реконструкција на нов модерен и квалитетен фудбалски терен со природна трева, како и поставување на рефлекторско осветлување на стадионот „Гоце Делчев“, активности кои се дел од проектот за подобрување на фудбалската инфраструктура во општините во Македонија.
Градскиот стадион „Гоце Делчев“ ќе претрпе сериозни инвестиции и ќе добие има услови какви што заслужуваат тимовите, гледачите и репрезентацијата.
Со потпишаниот договор за регулирање на меѓусебните односи при изведување на работи меѓу ФФМ, општина Прилеп и Уефа, Федерацијата има обврска да изгради најмодерен терен со дренанжен систем по највисоките стандарди на УЕФА, како и поставување рефлектори за осветлување. Општината треба да изгради покриена трибина со најмалку пет илјади столчиња, како и реконструкција на под трибинскиот простор каде треба да има модерни соблекувални и потребни простори за еден репрезентативен фудбалски стадион.
-Во име на Фудбалската федерација на Македонија сакам да порачам дека се радуваме на заедничкото градење подобра иднина на македонскиот фудбал. Со помош на Уефа, нашата Федерација е способна да реализира важни проекти за македонскиот фудбал, а изградбата и реконструкцијата на петте репрезентативни стадиони во нашата земја се потврда за тоа. Ако во тоа имаме поддршка од локалната самоуправа и државата, тогаш можеме да осигураме убава иднина за нашиот фудбал, а посебно за младите спортисти и репрезентативните селекции, изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседател на ФФМ.
Фудбалската федерација на Македонија веќе ги заврши своите активности поврзани со изградбата на модерен терен со дренажен систем по највисоките стандарди и критериуми на УЕФА на стадионите во Тетово и Битола.