Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Тимот на Вардар за противник во второто квалификационо коло од Лигата на шампионите го доби шведски Малме.
Вардарци се оптимисти пред двомечот и сметаат дека конечно е време „црвено-црните“ да ја минат првата пречка.
„Мислам дека во Малме добивме противник со кого можеме да се носиме и да бидеме во најмала рака рамноправни. Ова ни е трета година по ред да играме квалификации во Лигата на шампионите, и мислам дека сега е шансата да поминеме понатаму. Добро е што првиот натпревар го играме на гостински терен кај нив, и сметам дека имаме големи шанси. Со нетрпение го очекувавме противникот, и сега откако знаеме кој ни е противник се подготвуваме во Австрија за него. Од денеска па натаму ќе го следиме, ќе го анализираме и ќе знаеме повеќе за нашиот ривал во Лигата на шампионите“, за клупскиот сајт истакна капитенот, Грнчаров.
Слично видување има и заменик капитенот на Вардар, Никола Глигоров кој смета дека Малме е премостлива пречка.
„Добивме противник кој што и го посакувавме и не го посакувавме. Сигурно дека имаше и посилни противници во ждрепката. Сега сме, така да кажам на „чисто“, го знаеме противникот, ќе имаме можност да го анализираме и да се подготвуваме за него. Играме прво во гости, што на некој начин може, но и не мора да претставува некаква предност. Би било одлично доколку би постигнале гол во гости, кој што многу ќе ни значи потоа за натпреварот дома. Ќе дадеме максимум конечно во оваа сезона да го минеме тоа прво коло.“ коментираше Глигоров.
Првиот натпревар е закажан за 11 или 12 јули а домаќин ќе биде Малме, додека реваншот е закажан за седум дена кога Вардар ќе биде домаќин во Струмица.