Алегри ќе го одмора Модриќ на следниот натпревар на Милан


Екранизација, задоцнет развој, аутизам, инклузија – што треба да знаат родителите ↓↓↓


Милан утре во осминафиналето на Италијанскиот куп ќе гостува кај Лацио на Олимпико. Масиљано Алегри, тренерот со најмногу освоени купови во Италија (пет трофеи), се надева дека ќе го зацврсти тој рекорд уште оваа сезона. И покрај напорниот натпревар против Торино кој го очекува во понеделник, мотивацијата во соблекувалната никогаш не била поголема. Тренерот ќе направи одредени ротации, но клучните играчи Рабио и Леао ќе останат во стартната постава, пишува Calciomercato.

Лука Модриќ одигра тринаесет последователни натпревари во стартната постава и стана еден од главните носители на Милан – и по искуство и по креативност. Неговата интеграција во играта на Росонерите ги надмина очекувањата, имајќи предвид дека немаше толкава минутажа уште од сезоната 2021/22 во Реал Мадрид. Последните недели делуваше малку уморен, па Алегри ќе го остави хрватскиот ветеран надвор од составот за натпреварот со Лацио за да се одмори.

Она за што се шушкаше последните денови сега е потврдено – Ардон Јашари утре ќе го започне натпреварот од првата минута. Швајцарскиот играч за врска последен пат започна натпревар на 9 август во пријателска средба со Лидс, а потоа поради тешка повреда, добиена во несреќен судир со Гименез, мораше да паузира неколку месеци.

Откако во последните еден месец целосно се врати на тренинзи со тимот, Алегри сега има намера да му даде доверба. Јашари треба да го започне дуелот како централен играч за врска, заклучуваат Италијаните.