Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, им порача на европските клубови дека немаат причина за загриженост за своите ѕвезди за време на пријателските натпревари во Азија. „Клубовите можат да бидат мирни“, изјави Италијанецот на прес-конференцијата во Сингапур, пренесува беИН спортс.
Реал Мадрид и Барселона изразија загриженост поради оптоварувањето на Винисиус и Рафиња, кои со репрезентацијата отпатуваа на двата пријателски натпревари против Јапонија и Сингапур.
„Приоритет е секогаш здравјето на играчот. Ако е сто отсто подготвен, тренира. Ако е сто отсто подготвен, игра. Ние ги контролираме минутите што ги игра. Клубовите можат да бидат мирни со репрезентацијата. Секогаш сакаме играчот да се врати подготвен за игра и без повреда“, рече Анчелоти.
Тој најави дека периодот на тестирање завршува со оваа пауза на ФИФА. „Тоа е период на тестирање што ќе заврши со оваа пауза. Следниот пат подобро ќе го дефинираме тимот. Овој период ни даде многу информации за младите играчи. Имаме многу талентирани и посветени млади фудбалери“, изјави селекторот.
Според Глобо, од мартовските натпревари во 2027 година повиците ќе имаат подефинитивен карактер, со оглед на Купот на Америка во 2028 година и квалификациите за Светското првенство во 2030 година. Анчелоти смета дека групата е „повеќе или помалку затворена“.
За натпреварите во Азија, италијанскиот стручњак повика пет дебитанти: Алан, Џонатан Џезус, Марлон Гомес, Алисон Сантана и Андре Луиз. Во репрезентацијата се вратија и Педро, Жоао Гомес, Даглас Луиз и Лукас Пери.
Против Јапонија, Анчелоти планира да го испроба Рајан на нова позиција, во средниот ред, зад нападното трио Винисиус, Рафиња и Естевао. „Ова е период на транзиција, момент кога треба да се појават нови играчи. Навивачите треба да бидат мирни, бидејќи ќе изградиме многу силна група за иднината“, додаде тој.
Бразил против Јапонија ќе игра во сабота во 11.15 часот по македонско време на Националниот стадион во Сингапур. Последниот натпревар во годината „селесао“ ќе го одигра во вторник против Сингапур.
















