Андреева со 11 гема во низа ја совлада Сабаленка за полуфинале

Мира Андреева
Фото: Hameltion / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Мира Андреева се пласираше во полуфиналето на завршниот турнир на ВТА по убедливата победа над Арина Сабаленка со 6-4, 6-0. Руската тенисерка го доби натпреварот во Индијан Велс за 62 минути, иако во првиот сет губеше со 1-4, објави ВТА.

Сабаленка одлично го почна натпреварот, го одзеде сервисот на Андреева и поведе со 4-1, но потоа следуваше пресврт. Андреева ги доби последните 11 гема на натпреварот и 45 од последните 55 поени. При 15-30 во гемот во кој сервираше за сетот, таа изведе три последователни ас-сервиси и го затвори првиот сет.

Со две победи без изгубен сет, Андреева го освои првото место во групата 2 и стана најмладата полуфиналистка на завршниот турнир по Каролина Возњацки во 2009 година. Таа е и првата тенисерка во историјата на турнирот што освоила сет со 6-0 на секој од првите два натпревари, бидејќи на стартот со истиот резултат ја совлада Елина Свитолина.

„Би си дала добра осумка. За десетка треба да го одиграш најдобриот натпревар во животот. Се лутев како одеше почетокот, но таа лутина ја претворив во побрзи сервиси и потоа сè тргна на моја страна“, изјави Андреева.

Сабаленка, која направи 23 непредизвикани грешки и не изведе ниту еден ас-сервис, не можеше да го објасни падот во играта. „Тоа е многу добро прашање. Таа одигра одличен тенис. Што можам да кажам, браво. Добро е што сè уште имам шанса да се пласирам“, рече белоруската тенисерка, пренесува Би-би-си. Андреева го заврши натпреварот со 16 винери и само шест непредизвикани грешки.

Во другиот натпревар од групата, Свитолина ја совлада Каролина Мухова со 3-6, 6-2, 6-2, иако по првиот сет побара медицинска пауза поради проблем со десниот колк. Мухова е елиминирана со два пораза.

Сабаленка и Свитолина во петок ќе играат за второто место во групата и последното место во полуфиналето. Сабаленка победи на шест од претходните седум меѓусебни натпревари. Од првата група во полуфиналето веќе се пласираше Линда Носкова.