Капитенот на Франција, Килијан Мбапе, не тренираше со екипата во средата, ден пред гостувањето кај Италија во Лигата на нациите. Напаѓачот на Реал Мадрид остана на третман кај медицинскиот штаб во Клерфонтен, додека соиграчите го одработија последниот тренинг пред патувањето во Милано, пренесува Ле Паризиен.
Француската фудбалска федерација најпрвин соопшти дека Мбапе не е повреден, но не даде подетални информации за причината за отсуството, ниту потврди дали ќе биде на располагање за натпреварот. Според весникот Екип, на кој се повикува Беин спортс, 27-годишниот напаѓач чувствува непријатност во задната ложа и би можел да го пропушти дуелот во Милано за да биде подготвен за натпреварот против Турција во недела.
Селекторот Зинедин Зидан во меѓувреме го засили составот. Француската репрезентација објави дека 20-годишниот Сени Мајулу од Пари Сен Жермен веднаш се приклучува на екипата. Тоа е прв повик во сениорската репрезентација за играчот кој досега одиграл 94 натпревари за ПСЖ, а на последните четири натпревари постигна три гола и забележа две асистенции, наведува Франсинфо.
Бројот на фудбалери во составот претходно се намали од 23 на 22 по откажувањето на Орелиен Чуамени, а стручниот штаб тогаш најави дека нема да има замена. Француските медиуми го поврзуваат повикот на Мајулу со можното откажување на Мбапе.
Зидан веќе мораше да направи неколку промени во списокот. Освен Чуамени, кампот го напуштија и Пјер Калулу, кој беше заменет со Саел Кумбеди, и Маркус Турам, наместо кого беше повикан Ели Жуниор Крупи. Од претходно отсуствуваат Усман Дембеле, Жил Кунде, Ману Коне и Вилијам Салиба.
Мбапе во септември имаше проблем со левото колено, кој го доби на натпреварот против Турција, па од четирите натпревари на Франција во тој репрезентативен собир одигра само еден, потсетува Фигаро. Зидан планираше да го постави како централен напаѓач на овие натпревари.
Франција со десет бода од четири кола е прва во својата група во Лигата на нациите. Натпреварот со Италија на Сан Сиро е во четврток од 20:45 часот, а во недела Французите во Бордо ја пречекуваат Турција.
















