Барди пред Швајцарија: Ова е наш дом - ветувам дека ќе го оставиме срцето на теренот

Капитенот Енис Барди пред дуелот со Швајцарија порача дека Македонија има сѐ што е потребно за да приреди изненадување, а клучот го гледа во борбеноста, сплотеноста и енергијата од домашната публика.

Според Барди, утрешниот меч на Националната арена е можност да се одигра со полн идентитет пред своите навивачи.

„Подготвени сме да го дадеме максимумот, како и секогаш. Очекувам преполни трибини бидејќи играме на нашиот стадион, пред нашите луѓе, а тоа мора да ни донесе дополнителен мотив. Ова е нашиот дом и така треба да се поставиме од првата минута“, изјави Барди за МакФудбал.

Тој нагласи дека македонскиот тим мора да го зачува препознатливиот борбен дух и да не отстапува од својот стил, без разлика на рејтингот на противникот.

„За нас е најважно да го зачуваме својот идентитет и неприкосновениот борбен дух. Поддршката никогаш не изостанала, а ние ветуваме дека ќе го оставиме срцето на теренот“, додаде капитенот.

Македонија во сабота од 20:45 часот го отвора новиот циклус во Лига Б против Швајцарија. За Барди, токму домашната атмосфера треба да биде дополнително оружје во борбата за позитивен резултат.

Капитенот не ветува поени однапред, туку максимум ангажман и јасен став дека репрезентацијата ќе се бори до последниот судиски свиреж.

Навивачите во Скопје имаат јасен повик од лидерот на тимот – полни трибини и поддршка од првата минута.