Производителите на мотори во Формула 1 од 2030 година ќе можат да снабдуваат најмногу по два тима, вклучувајќи го и сопствениот фабрички тим, дознава Моторспорт. Тоа значи дека секој производител ќе може да снабдува само еден дополнителен тим.
Според порталот, договорот меѓу шесте производители е дел од поширокиот документ на ФИА за правилата од 2030 година, но не бил вклучен во јавното соопштение. Предлогот треба да го одобри Светскиот совет за мотоспорт на ФИА на седницата во Шангај во декември.
ФИА на 20 ноември објави дека постои едногласна поддршка за новите погонски единици од 2030 година, 2,1-литарски В8 мотори со турбополнач, ограничена хибридизација и одржливи горива. Целта е моторите да бидат поедноставни, полесни и поевтини, наведува ФИА.
Најмногу би бил погоден Мерцедес, кој покрај фабричкиот тим ги снабдува и Мекларен, Вилијамс и Алпин. Ако правилото биде усвоено, два од тие три тима ќе мора да бараат нов добавувач.
Кај Ферари прашањето се решава само по себе, бидејќи Кадилак од 2030 година преминува на сопствени мотори. Ред бул пауертрејнс и понатаму ќе ги снабдува Ред бул и Рејсинг булс, додека Ауди, Хонда, која е партнер на Астон Мартин, и Џенерал моторс засега имаат само по еден тим.
Една од целите е да се намали политичкото влијание на производителите што снабдуваат голем дел од тимовите на стартната решетка. Производителите, пак, биле подготвени да го прифатат ова, бидејќи снабдувањето со мотори им носи загуби, а цената е ограничена на 18 милиони долари по сезона, пишува Моторспорт.
Мекларен и Вилијамс сакаат да продолжат со моторите на Мерцедес. „Тоа е нешто што сме го разгледувале во минатото, но многу сме задоволни. Мислам дека докажавме дека можеме да освојуваме титули со нив, па немаме намера во болидот да имаме нешто друго освен Мерцедес“, изјави извршниот директор на Мекларен, Зак Браун.
ФИА сепак би го задржала правото да побара од производителот да снабдува и трет тим, доколку некој тим не успее самостојно да постигне договор, пишува Креш. Со ова практично е отфрлена идејата за независен добавувач на мотори кој не е поврзан со тимовите.
















