Беретини со 23 аса до второто коло во Шангај, Махач ја прекина низата од пет порази

Беретини со 23 аса до второто коло во Шангај, Махач ја прекина низата од пет порази
Фото: Vbrunophotog / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Матео Беретини победнички го почна настапот на мастерсот во Шангај. Италијанецот, полуфиналист на овој турнир во 2019 година, во првото коло го совлада Американецот Александар Ковачевиќ со 6-7(3), 6-1, 6-4, објави ATP Tour.

Беретини во Кина пристигна по порази во второто коло на УС Опен и во Токио, но против Ковачевиќ сервираше 23 аса и не се соочи со ниту една брејк топка. „Не се предадов, се вратив и продолжив да играм. Таква реакција сакав да видам. Многу сум горд на тоа“, рече Италијанецот, кој во второто коло ќе игра со Американецот Брендон Накашима.

Махач повторно победува

Победа на стартот на претпоследниот мастерс турнир во сезоната славеше и Томаш Махач, уште еден поранешен полуфиналист во Шангај, кој ја прекина низата од пет последователни порази. Чехот, кој на патот до полуфиналето во 2024 година го елиминираше Карлос Алкараз, по изгубен прв сет го совлада домашниот тенисер Џанг Џиџен со 1-6, 7-6(3), 6-2. Во второто коло го чека Александар Бублик, 19ти носител, кој води со 2-0 во меѓусебните дуели.

Јапонецот Реи Сакамото, кој дојде од квалификациите, го победи Марко Трунгелити со 6-3, 7-5 за својата прва победа во главниот жреб на турнирот. Дваесетгодишниот тенисер со ова се искачи на петтото место на ранг-листата за завршниот турнир на најдобрите млади тенисери, а следен ривал му е Андреј Рубљов, 23ти носител.

Италијанецот Федерико Чина, кој е четврти на таа ранг-листа, не успеа да го следи примерот и во три сета загуби од Алекс Молчан. Словакот во второто коло ќе игра со Алекс де Минор, финалист од Пекинг.

Геа продолжува во добра форма

Французинот Артур Геа го совлада Португалецот Жаиме Фарија со 6-7(3), 6-1, 6-2. Дваесет и едногодишниот тенисер во август ја освои првата АТП титула во Лос Кабос, на УС Опен стигна до четвртото коло како среќен губитник, а минатата недела во Пекинг од квалификациите стигна до второто коло. Следен ривал му е сонародникот Иго Умбер.

Во другите натпревари од првиот ден, Миомир Кецмановиќ го победи Шо Шимабукуро со 6-2, 6-4 и ќе игра со Јакуб Меншик, а Адријан Манарино продолжи откако Николоз Басилашвили се откажа при резултат 6-3, 2-2 за Французинот. Манарино во второто коло го чека шестиот носител Флавио Коболи.