Бешикташ со 2-1 над Хапоел Бер Шева по прекин поради инциденти

Стадионот во Батуми
Фото: Erez.Gt / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Бешикташ во петтото коло од лигашката фаза на Лигата на Европа го совлада Хапоел Бер Шева со 2-1 во Батуми, на натпревар што беше прекинат околу половина час поради судири меѓу грузиската полиција и навивачите на турскиот клуб, пишува Би-Би-Си.

Средбата, во која Бешикташ беше домаќин, беше преместена од Истанбул во Грузија од безбедносни причини. Во 25тата минута играта беше прекината поради инциденти на трибините, откако навивачите на Бешикташ истакнаа транспарент за поддршка на Палестинците. Судиите и фудбалерите на Бешикташ го напуштија теренот, а играта продолжи по 30 минути.

Според турската телевизија Ен-Ти-Ви, на која се повикува Би-Би-Си, полицијата влегла на трибините и употребила солзавец, а фудбалерите и спортскиот директор Ондер Озен разговарале со навивачите за да ги смират пред да продолжи натпреварот. Турската фудбалска федерација остро ги осуди, како што наведе, „неприфатливите“ постапки кон навивачите, а Бешикташ поднесе жалба до УЕФА поради, според клубот, „непропорционалната“ употреба на сила.

Домаќинот имаше можност да поведе на крајот од првото полувреме, но голманот Марко Волф го одбрани пеналот на Оркун Кокчу во четвртата минута од судиското надополнување, пишува турската агенција Анадолија.

Бешикташ поведе во 75тата минута, кога Џуниор Олаитан од шеснаесетникот погоди во долниот лев агол. Кокчу во 90тата минута се искупи за промашениот пенал и по успешно одиграно двојно додавање со Душан Влаховиќ го зголеми водството на 2-0, објави Бешикташ. Џавон Ист во судиското надополнување го постигна голот за гостите.

Натпреварот на стадионот во Батуми го следеа 13.950 гледачи. Бешикташ пристигна во Грузија по драматично патување, бидејќи авионот не можеше да слета во Батуми поради лошото време, па екипата го продолжи патувањето со автобус.