Гаштаров со голот во 85тата минута ѝ донесе бод на Ѕвезда во Гент

Стадионот „Планет груп арена“ во Гент
Фото: Cvanuffel / Викимедија комонс (CC0)

Македонскиот репрезентативец Матеј Гаштаров беше херој на Црвена ѕвезда во четвртото коло од лигашката фаза на Лигата на конференциите. Шампионот на Србија во четвртокот гостуваше кај Гент и со неговиот гол во 85тата минута стигна до реми (1-1), пишува српскиот Спортал.

Гент поведе во 26тата минута, кога по изведениот корнер Матис Волкарт ја спушти топката со глава, а Тијаго Араужо шутираше од прва од работ на шеснаесетникот и погоди во долниот агол, наведува Скај спортс.

Ѕвезда успеа да изедначи дури во завршницата на натпреварот. Гаштаров долго ја водеше топката, ги надигра противниците, се намести за удар на работ на шеснаесетникот и прецизно погоди во подалечниот агол. Самиот клуб на социјалните мрежи го опиша голот како „феноменален соло-продор и врвна завршница“.

Според Спортал, гостите имаа посед на топката од 71 отсто, но долго време не успеваа да ја пробијат одбраната на Гент. Тренерот Алберт Риера во второто полувреме ја промени поставеноста на тимот и го префрли Гаштаров од одбраната во средниот ред, по што македонскиот фудбалер дојде до израз.

„Мораше денес да бидеме поефикасни пред противничкиот гол, тоа не го успеавме и затоа освоивме само еден бод. Кажав и пред натпреварот, не е битно што ќе се случи на овој натпревар, уште шест бода се во игра и веројатно ќе се пласираме во следната фаза“, изјави Риера, пренесува Б92.

Гаштаров и Владимир Лучиќ по натпреварот изјавија дека Ѕвезда ја заслужила победата, додека Риера на прес-конференцијата беше остар во разговорот со српските новинари, пишува Б92.

Ѕвезда и Гент по четири кола имаат по пет бода, а до крајот на лигашката фаза на двата тима им остануваат уште по два натпревари.