Фудбалерките до 19 години со 7-3 над Црна Гора на стартот

Македонија до 19 години 7-3 Црна Гора
Илустрација: СуперСпорт

Женската фудбалска репрезентација на Македонија до 19 години со убедлива победа го почна квалификацискиот турнир во Србија. Избраничките на селекторот Кирил Изов во првото коло ја совладаа Црна Гора со 7-3, пренесува „МакФудбал“.

Црногорките поведоа уште во петтата минута преку Јована Радовиќ, но Македонија израмни само шеесетина секунди подоцна со голот на Настасја Накова.

Во 29та минута Аника Петровиќ ја погоди сопствената мрежа за водство на Македонија од 2-1. Во 40та минута Меланија Грозданова го зголеми водството на 3-1, а во втората минута од судиското надополнување на првото полувреме повторно се запиша меѓу стрелците за предност од 4-1 на паузата.

Шест минути по почетокот на второто полувреме Ангелина Дресај намали на 4-2, но во 55та минута Теона Галабовска беше прецизна од пенал за 5-2. Црна Гора го постигна третиот гол во 59та минута преку Јана Мердовиќ, исто така од пенал.

Галабовска во 69та минута го постигна својот втор гол за 6-2, а во 83та минута Мелани Цветковиќ го постави конечниот резултат од 7-3.

На другиот натпревар од групата, домаќинот Србија го совлада Азербејџан со 4-0. Македонија во второто коло на 29 ноември од 11 часот ќе игра против Азербејџан, а во последното коло на 2 декември од 13 часот ќе се сретне со Србија.

Македонија играше во следниов состав: Вељановска, Панева, Емини, Ристевска (Нановска), Коловска, Величкова (Фида), Цветкоска (Марковска), Попески (Цветковиќ), Галабовска, Накова (Каралиоска) и Грозданова.