Буено: Местото во Евролигата ќе чини до 85 милиони евра

Евролигата ја одби првата понуда на НБА, но вратата за преговори останува отворена
Фото: Savino Paolella / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Извршниот директор на Евролигата, Чус Буено, во интервју за грчкиот новинар Арис Баркас изјави дека новите тимови со трајно место во лигата ќе треба да платат меѓу 80 и 85 милиони евра, пренесува Вај-ен-би-еј.

„Оваа компанија вреди 1,5 милијарди евра. Вредноста на акциите што ги имаат постојните тимови е меѓу 80 и 85 милиони евра. Ако сакате да станете еден од нив, мора да платите меѓу 80 и 85 милиони евра. Многу јасно, многу чисто и многу лесно“, рече Буено.

„Сите информации што протекоа и сите имиња се повеќе или помалку точни“, рече Буено за тимовите кандидати, меѓу кои се спомнуваат Валенсија, Париз, Дубаи, Максима Рома, Хапоел Тел Авив и ПАОК. Тој додаде дека се разгледуваат 15 кандидатури, но дека не можат сите да влезат, пренесува Пјанетабаскет. Според Буено, цената за следниот круг франшизи би можела да порасне на 150 до 200 милиони евра, а лигата очекува на крајот од десетгодишниот план да вреди околу осум милијарди евра.

НБА за својата нова европска лига бара многу повеќе, односно околу една милијарда долари за најголемите пазари. „Ако треба да оправдате 500 милиони или милијарда евра, мора да имате историја што ќе го докаже тоа“, одговори Буено, пренесува Леванте.

„Евролигата нема потреба од НБА за да успее“, порача Буено, кој тврди дека по средбата во Комо во октомври немало формални разговори со НБА, туку дека американската лига ги контактира клубовите еден по еден, вклучително и тимовите кандидати за франшиза.

Евролигата планира да има 24 тима во сезоната 2027/28 и 28 до 2030 година. Најпрво 13 клубови акционери ќе бидат претворени во франшизи, а тимовите што не се подготвени поради сали, дозволи или државни пари би добиле специјални покани за две до три години. Буено го спомена и Лондон како пазар на кој лигата сака да влезе.

Директорот на Евролигата одговори и на изјавата на заменик-комесарот на НБА, Марк Тејтум, дека на некои европски натпревари не би се чувствувал удобно да го донесе своето семејство. „Ја носам ќерка ми на секој натпревар од Евролигата. Таа има 14 години“, рече Буено, додавајќи дека инциденти има во секоја лига.

Акционерите на Евролигата треба да гласаат за новите франшизи до крајот на ноември.