Порто славеше со 1-0 на гостувањето кај Фејенорд во петтото коло од Лигата на шампионите, но натпреварот на „Де Кајп“ ќе се памети по невообичаената грешка на технологијата за гол-линија во завршницата на средбата, пишува Ти-Ен-Ти спорт.
Во 88мата минута Начо Фери со глава упати удар кон аголот на голот, а голманот Диого Коста ја одби топката во стативата, по што ја фати. Сите на теренот сметаа дека топката не ја поминала линијата, но босанскиот судија Ирфан Пељто покажа кон центарот бидејќи неговиот часовник сигнализирал гол.
Навивачите на Фејенорд почнаа да слават, а играчите на Порто не можеа да поверуваат во одлуката. Видеоснимките брзо покажаа дека топката, откако се одбила од стативата, завршила во рацете на Коста, без воопшто да ја помине гол-линијата.
Пељто ја смени одлуката по интервенцијата на германскиот видеосудија Бастијан Данкерт, па голот за 1-1 беше поништен, наведува Република.
Единствениот гол на натпреварот беше постигнат уште во втората минута, кога Усама Таргалине по ниското нафрлување на Оскар Пиетушевски ја испрати топката во сопствената мрежа. Порто стигна до втората последователна победа во Лигата на шампионите.
Тренерот на Фејенорд, Џовани ван Бронкхорст, изјави за холандската телевизија Зиго спорт дека веднаш се посомневал во одлуката. „Најпрво не беше гол, ниту изгледаше како гол. Потоа тој покажа на часовникот“, рече Ван Бронкхорст, пренесува Гол.
Холандскиот стратег додаде дека судијата се извинил по завршувањето на натпреварот. „На крајот мораш да почекаш. Знаеш дека ВАР ќе провери и ако не е гол, не е гол. Судијата се извини по натпреварот, бидејќи часовниците едноставно не работеа како што треба“, изјави Ван Бронкхорст, кој потсети дека на истиот стадион веќе се соочил со слична ситуација кога, благодарение на часовникот, бил признаен гол на натпреварот против ПСВ во 2017 година.
Фејенорд нема победа на седум натпревари во низа во сите натпреварувања, а во недела го очекува дербито со Ајакс. Тренерот на Порто, Франческо Фариоли, истакна дека станува збор за голем успех, бидејќи клубот цели 33 години немал победа во Холандија.
















