Чешка е првиот полуфиналист на завршниот турнир на Дејвис купот во Болоња. Чешките тенисери ја совладаа Канада со 2-0 во четвртфиналето, откако Јиржи Лехечка го победи Феликс Оже-Алијасим со 7-6 (4), 6-2, објави АТП.
Претходно, Томаш Махач го освои првиот бод за Чешка со победата над Лијам Драксл со 6-2, 3-6, 6-2. Со тоа немаше потреба да се одигра мечот во двојки меѓу Адам Павлашек и Патрик Рикл од едната страна и Оже-Алијасим и Данкан Чан од другата. Чешка за првпат по 2014 година ќе игра во полуфиналето на Дејвис купот.
Лехечка, 14ти тенисер во светот, ги спаси сите девет брејк-топки што ги имаше Оже-Алијасим и ја намали негативата во меѓусебните дуели на 2-3, по три последователни порази од Канаѓанецот. Првиот сет го доби во тајбрејк, а во вториот брзо поведе со 2-0 и уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот во последниот гем.
„Беше супер тежок натпревар. Никогаш не знаеш што да очекуваш од себе по одредена пауза без натпреварување, па првиот сет од двете страни повеќе беше борба отколку многу добра игра. Но многу сум задоволен од тоа како играв на крајот“, изјави Лехечка, пренесува АТП.
„Првиот сет беше исцрпувачки. Можеби имав мал пад на почетокот на вториот. Се обидов да се вратам, но тој беше многу сконцентриран“, рече Оже-Алијасим, 17ти на светската ранг-листа, пренесува Спортснет. Канада, која ја освои титулата во 2022 година, во Болоња настапи без Денис Шаповалов и Габриел Дијало, кои се повлекоа поради повреди.
Во првиот меч, Махач, 59тиот тенисер во светот, лесно го доби првиот сет, но Драксл, 154тиот тенисер во светот, возврати во вториот. Чехот во решавачкиот сет го направи четвртиот брејк на натпреварот и стигна до победата. „Почнав несигурно, но сум задоволен од тоа како се борев и се вратив. Тој го подигна нивото во третиот сет“, рече Драксл.
Ова беше првата меѓусебна средба на двете репрезентации во Дејвис купот. Чешка, која трипати го освои трофејот, во полуфиналето во петок од 16 часот ќе игра против победникот од дуелот меѓу Италија и Кореја, кој е закажан за денеска, наведува Тенис мејџорс.
Со оваа победа Лехечка се искачи на третото место по бројот на победи за Чешка во историјата на Дејвис купот. Двете репрезентации го отворија завршниот турнир во вторникот.
















