Чеферин: Македонија повторно ќе игра на Европско првенство

Претседателот на УЕФА Александар Чеферин
Фото: Кирилл Венедиктов / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, порача дека македонската репрезентација повторно ќе игра на Европско првенство. Тоа го изјави во интервју за Фудбалската федерација на Македонија, објавено во четвртокот.

Чеферин неделава престојуваше во Македонија на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и од трибините го следеше натпреварот од Лигата на нациите меѓу Македонија и Словенија, кој заврши со резултат 0-3. Повод за средбата биле и родендените на Омерагиќ и на претседателот на Словенечкиот фудбалски сојуз, Раденко Мијатовиќ.

„Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А-репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација за вистински резултати“, рече Чеферин.

„Македонската федерација се движи во вистинска насока. Колку што сум запознаен, ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство“, порача првиот човек на европскиот фудбал.

Тој имаше пофални зборови и за Омерагиќ. „Тој е остроумен, го разбира фудбалот, но и спортско-политичките односи. Со него нема потреба многу да се објаснувам. Затоа сум сигурен дека македонскиот фудбал е во добри раце“, рече Чеферин.

Претседателот на УЕФА зборуваше и за солидарноста во европскиот фудбал. „За солидарност издвојуваме над 240 милиони евра, наменети за клубовите кои не учествуваат во европските натпреварувања. Дури 97 проценти од средствата се враќаат назад во фудбалот“, изјави тој.

Чеферин потврди дека ќе продолжи да ја предводи УЕФА, со поддршка од сите 55 национални федерации, а како главен приоритет ја наведе заштитата на солидарниот модел. На крајот откри дека шарпланинецот Тито, кој го добил како подарок од Омерагиќ, станал дел од семејството. „Огромен е, ништо не слуша, но се бориме“, рече со насмевка.