Колумбискиот голман Давид Оспина ја заврши професионалната кариера. Триесет и осумгодишниот чувар на мрежата го објави повлекувањето со видео на социјалните мрежи, во пресрет на премиерата на документарен филм за неговиот живот во Медељин, пренесува Ел Колумбијано.
„Не заминувам затоа што сакам, туку затоа што го слушам своето тело“, порача Оспина, кој во видеото им се заблагодари на сите клубови во кои играше и на репрезентацијата на Колумбија.
Причина за повлекувањето е повредата на десниот лакт, која го мачеше уште од периодот во Ал Наср. Летово беше претставен како засилување на мексиканскиот Атланте, но повредата повторно се појави на тренинзите, па тој не дебитираше за клубот.
Последниот натпревар го одигра на 23 мај, во победата на Атлетико Насионал над Толима со 3-1 во полуфиналето на колумбиското првенство.
Кариерата ја започна во 2006 година во Атлетико Насионал, а потоа играше за Ница, Арсенал, Наполи, Ал Наср и повторно за Насионал, пишува Инфобае.
„Насионал, мојот дебитантски и последен клуб. Ница, каде што научив дека трудот се наградува. Арсенал, дом на легенди и мој дом. Наполи, страст што не се објаснува, туку се живее“, порача Оспина во пораката до клубовите во кои играше.
Соиграч на Елмас во Наполи
Со Арсенал двапати го освои ФА Купот, а во Наполи, каде што беше соиграч на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, го освои Купот на Италија во сезоната 2019/20. Со Насионал освои четири титули во колумбиското првенство, а во Саудиска Арабија со Ал Наср го освои Арапскиот клупски куп во 2023 година.
Оспина, заедно со Хамес Родригез, е фудбалерот со најмногу настапи за Колумбија, со 131 одигран натпревар. Беше дел од тимот на три светски првенства, во 2014, 2018 и 2026 година, иако на последното не доби минутажа.
















