Футсал репрезентацијата на Македонија следната недела го започнува настапот во главната рунда од европските квалификации за Светското првенство во 2028 година. Првиот противник е Финска, а натпреварот ќе се игра на 10 ноември во 17:30 часот во „Енерџиа арена“ во Вантаа.
Селекторот Газмед Хисејини повика 14 играчи, а собирот на репрезентацијата е закажан за 6 ноември, објави Фудбалската федерација на Македонија.
На списокот се голманите Антонио Петровски и Иван Стојановски, како и Марио Благојевски, Јасир Зекири, Берат Рамадани, Јакуп Рамадан, Наум Блажевски, Бојан Јанев, Таулант Исмаили, Абдил Кадир Јахја, Иван Крстевски, Садат Зибери, Илјаз Чилјафи и Игор Леовски.
Македонија е во групата 4 заедно со Финска и европскиот шампион Шпанија. Во групата се игра двокружно, дома и на гости, а натпреварите се распоредени од октомври 2026 до март 2027 година, пренесува Шпанската фудбалска федерација.
Победниците од 12те групи и четирите најдобри второпласирани екипи се пласираат во елитната рунда. Останатите осум второпласирани екипи ќе играат двомечи за уште четири места.
Шпанија веќе ја победи Финска
Шпанија веќе го одигра првиот натпревар во групата и ја совлада Финска со 3-1. Шпанските медиуми оценуваат дека Финска и Македонија ќе се борат за второто место во групата.
Шпанија и Македонија досега имаат седум меѓусебни дуели и сите ги добија Шпанците, со вкупна гол-разлика од 48-6. Последниот натпревар беше пријателски, одигран во 2014 година во Скопје, кога Шпанија славеше со 6-1.
„Финска ја познаваме подобро, за Македонија имаме помалку информации. Мислам дека ќе бидат тешки натпревари“, изјави шпанскиот селектор Хесус Веласко по ждрепката.
















