Лоши вести за ПАОК и за турската кошаркарска репрезентација. Џеди Осман, кој е роден во Охрид, се здобил со скинат менискус во десното колено и ќе мора да оди на операција, соопшти клубот од Солун, пренесува Јурохупс.
„Џеди Осман утрово беше подложен на магнетна резонанца поради болки во коленото. Прегледите покажаа дека има скинат менискус во десното колено. За санирање на повредата ќе биде подложен на артроскопска интервенција во наредните денови“, се вели во соопштението на ПАОК.
Клубот засега не објави колку долго ќе отсуствува 31-годишниот крилен играч. Рокот за враќање на паркетот ќе биде познат дури по операцијата.
Повредата дојде само неколку часа по една од најдобрите партии на Осман сезонава. Во вторникот тој постигна 25 поени, со 12 од 12 погодени слободни фрлања, во победата на ПАОК над Рома со 113-111 во Еврокупот.
Осман е најдобар стрелец во Еврокупот со просек од 22,2 поени по натпревар, а во грчкото првенство постигнува по 19 поени, објавува Спортандо.
Голем удар за Тринкиери
Крилниот играч пристигна во Солун ова лето како едно од најголемите засилувања на клубот, по две сезони поминати во Панатинаикос. ПАОК оваа сезона настапува во Еврокупот, каде што Осман е главниот носител на нападот. Отсуството на лидерот на тимот претставува голем проблем за тренерот Андреа Тринкиери, кој ќе мора да бара нови решенија во нападот.
Осман е роден во Охрид во 1995 година и настапува за репрезентацијата на Турција. Пред враќањето во Европа играше седум сезони во НБА, за Кливленд и Сан Антонио.
„Целиот клуб е до Џеди Осман и му посакува брзо закрепнување и што побрзо враќање на теренот“, порачаа од ПАОК.
















