Децата од домот „11 Октомври“ во репрезентативна опрема на Европското првенство за деца без родителска грижа


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Фудбалската федерација на Македонија им донираше репрезентативна опрема на децата од домот „11 Октомври“ кои ќе ја претставуваат Македонија на Европското првенство во фудбал за деца без родителска грижа.

Првенството се одржува во унгарскиот град Кешкемеш, а оваа година Македонија ќе биде една од 16-те репрезентации учесници на првенството.

Во име на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот Илчо Ѓорѓиоски им посака успех на фудбалското првенство, нагласувајќи дека ФФМ секогаш ќе поддржува активности кои допринесуваат за развој на толеранцијата и разбирањето.

-Ова не е првпат да соработуваме со детскиот дом „11 Октомври“ и нѐ радува тоа што Фудбалската федерација на Македонија уште еднаш може да даде придонес во подобро претставување на јавната установа во нивните спортски активности надвор од нашата држава. Овие деца живеат за еднаквост и рамноправност, а преку топката, фудбалот и дружењето уште повеќе ќе придонесеме кон развој на толеранцијата и разбирањето, порача Илчо Ѓорѓиоски.

Искрена благодарност за помошта во спортска опрема која ФФМ ја донираше упати директорката на детскиот дом, Ристенка Атанасовска.

-Нашата установа детски дом „11 Октомври“ секоја година учествува на Европско првенство во фудбал за деца без родителска грижа. Првенството се одржува во Кешкемеш, Унгарија каде организаторите ги покриваат сите трошоци за сместување и одржување на натпреварите. И оваа година седум  деца од детскиот дом ќе ја претставуваат Македонија како една од 16-те репрезентации на првенството. Фудбалерите беа на седум дневни подготвки во Маврово, каде имаа тренинзи два пати дневно, со цел поуспешно да ја претстават нашата земја. Искрено се надевам дека ќе се вратат со медал кој ќе претставува награда за вложениот труд. Би сакала да упатам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до претседателот Илчо Ѓорѓиески за помошта во спортска опрема со која нашите фудбалери ќе бидат во можност достојно, како што доликува да ја претстават својата земја на првенството, истакна директорот на јавната установа, Ристенка Атанасовска.