Фајнал-форот на Евролигата повторно ќе се игра во Абу Даби. Евролигата и Одделот за култура и туризам на Абу Даби официјално објавија дека завршниот турнир во европската клупска кошарка ќе се одржи во главниот град на Обединетите Арапски Емирати во 2027 и 2029 година, пренесува Eurohoops.
Фајнал-форот во 2027 година ќе се игра во „Етихад арена“ на островот Јас на 28 и 30 мај. Во петок, 28 мај, на програмата се полуфиналните дуели меѓу четирите најдобри екипи во сезоната, а во недела, 30 мај, по финалето на младинскиот турнир „НекстЏен“, ќе се одигра и финалето за европската титула.
Абу Даби веќе беше домаќин на фајнал-форот во мај 2025 година. Тогаш билетите беа распродадени за неколку часа, а Фенербахче ја освои титулата пред полни трибини, со 12.000 гледачи во „Етихад арена“, наведува официјалното соопштение.
Бодирога: Еден од најдобрите фајнал-форови
„Огромно задоволство ми е да објавам дека фајнал-форот се враќа во Абу Даби. Сакам да му се заблагодарам на Абу Даби за постојаната поддршка и довербата. Заедно организиравме еден од најдобрите фајнал-форови во нашата 26-годишна историја, со што се докажа огромната глобална привлечност на Евролигата“, изјави претседателот на Евролигата, Дејан Бодирога.
Извршниот директор Чус Буено нагласи дека обновената соработка за изданијата во 2027 и 2029 година е уште еден чекор во стратегијата за меѓународен раст на лигата. Според него, моделот во кој традиционалните европски кошаркарски пазари се комбинираат со светски метрополи со врвни објекти и силна туристичка привлечност се покажува како успешен.
Генералниот директор за туризам во Одделот за култура и туризам на Абу Даби, Салех Мохамед Ал Гезири, изјави дека големите спортски настани носат конкретни придобивки, привлекуваат инвестиции, отвораат нови работни места и го поттикнуваат туризмот.
Домаќинството е дел од повеќегодишното партнерство на Абу Даби со Евролигата, во чии рамки „Experience Abu Dhabi“ е главен партнер на натпреварувањата и покровител на фајнал-форот. Брендот на дестинацијата е присутен во салите, во телевизиските преноси и на дресовите на тимовите во текот на целата сезона.
















