Евертон во четвртфиналето на Лига купот, Грилиш казнет

Натпревар на Евертон
Фото: Timmy96 / Wikimedia Commons (CC0)

Евертон е последниот тим што се пласираше во четвртфиналето на англискиот Лига куп. „Карамелите“ во четвртокот на стадионот „Хил Дикинсон“ го совладаа Њукасл со 3-1, а во следната фаза ќе му гостуваат на четвртолигашот Флитвуд Таун.

Домаќините поведоа во 34тата минута. Тирик Џорџ изврши притисок врз Амар Дедиќ, Хакни ја освои топката и му ја проследи на Џејмс Гарнер, кој прецизно погоди во долниот агол.

На самиот крај од првото полувреме, Хејден Хакни го постигна својот прв гол во дресот на Евертон по центаршут на Тиерно Бари. Бари во 69тата минута го заврши брзиот контранапад по додавањето на Кирнан Дјузбери-Хол и го постигна седмиот гол во сезоната. Ден Барн во завршницата со глава го постигна почесниот гол за Њукасл, пренесува Скај спортс.

Грилиш надвор поради дисциплински причини

Натпреварот го одбележа и отсуството на Џек Грилиш. Евертон пред мечот објави дека 31-годишниот англиски репрезентативец не е на располагање поради прекршување на клупската дисциплина.

Според Гардијан, Грилиш во понеделникот го пропуштил тренингот без дозвола, а одлуката за неговото изоставување ја донеле тренерот Дејвид Мојес и извршниот директор Ангус Кинир. Се очекува тој да биде и парично казнет.

„Нема да давам детали. Тоа беше одлука на клубот и јас ја поддржувам. Не сакам многу да зборувам за тоа“, изјави Мојес по натпреварот.

Грилиш, кој настапува за Евертон како позајмен играч од Манчестер Сити, го пропушти и поразот од Арсенал минатата сабота, но тогаш поради болест. Евертон на натпреварот против Њукасл беше и без Џарад Брантвејт, кој има потрес на мозокот.

Парови во четвртфиналето

Четвртфиналните натпревари ќе се играат во декември. Освен дуелот меѓу Флитвуд и Евертон, Манчестер Сити ќе игра против Брадфорд, Кристал Палас против Сандерленд, а Ливерпул против Борнмут.